На Европското првенство во Португалија пред 10 години Германците во првиот состав го имаа легендарниот Лотар Матеус кој настапи со 39 години, па сфатија дека не бива со ветерани и од следната година се фатија за работа и направија револуционерни промени во фудбалот.
Фудбалската федерација донесе закон според кој секој клуб од Бундеслигата мора да има младинска академија, а дел од строгите правила се однесуваа и на условите за стручноста на тренерите кои работат со младинците.
Во еден извештај од 2011 година се вели дека од 2002 до 2010 година во младинските академии во Германија се инвестирани 520 милиони евра. Во тој период просечната старост на фудбалерите од Бундеслигата паднала од 27,09 на 25,77 години.
Вложувањата почнаа да се исплаќаат. На ЕУРО 2009 за играчи до 21 година, Германија стана шампион, а во составот ги имаа сегашните Светски прваци Ноер, Хеведес, Боатенг, Хумелс, Кедира и Озил.
Томас Милер (24) – Фудбалерот на Баерн Минхен првите две Светски првенства во кариерата ги заврши со по 5 голови, а доколку игра во форма како Клосе до 36 години, ќе го гледаме на Мундијалите до 2026. Репрезентативната кариера ја почна во селекцијата У19.
Тони Крос (24) – Беше член на Германија уште во составот У17. На светското за оваа категорија ја освои „Златната копачка“, а летово го официјализираше трансферот во Реал Мадрид.
Месут Озил (25) - Го носеше репрезентативниот дрес за играчи до 19 години, со младинската селекција до 21 го освои Европското, а со сениорите и Светското првенство. Квалитетот го докажа во Реал Мадрид.
Лукас Подолски (29) – Според истражувањата, Бундеслигата во конкуренција на најсилните пет европски лиги има најмалку играчи под 30 години. Меѓу нив е Подолски кој созреа во Баерн Минхен, а сега игра заедно со Озил во Арсенал. Репрезентативно игра од селекцијата У18.
Андре Ширле (23) – Стартуваше со селекцијата за играчи до 19 години, а на 20 години доби шанса во составот на Јоаким Лев. Од минатата сезона настапува за Челси. Има голема заслуга за голот вреден Златен пехар затоа што му ја даде на тацна топката на Гетце.
Мануел Ноер (28) – За три сезони освои 8 трофеи со Баерн Минхен, а на Светското првенство царуваше на голот и прими само 4 голови на 7 меча. Човекот кој си замина од Бразил како Светски шампион со признание за најдобар голман, како и поголемиот дел од колегите почна да игра за репрезентација од младинските категории.
Сами Кедира (27) – Сезона која нема никогаш да ја заборави. Со Реал Мадрид ја освои Европа, а со Германија се искачи на светскиот трон. Беше капитен на младинската репрезентација, а во Бразил беше незаменлив во средниот ред.
Метс Хумелс (25) – По настапите за селекцијата за играчи до 21 година, дефанзивецот на Борусија Дортмунд му се приклучи на сениорскиот тим во 2010, а беше дел од ЕУРО 2012. Ги одигра сите мечеви на Мундијалот во Бразил, а го реши четвртфиналето против Франција.
Бенедикт Хеведес (26) – Ја загуби малце косата, но далеку е од стар. Дефанзивецот на Шалке ги мина сите младински селекции и стигна до светска титула во Бразил.