Фудбалерите на Бразил еуфорично го стартуваа мечот и по една мешаница во шеснаесетникот Фред уште во втората минута од лежечка позиција успеа да го отвори резултатот. Шпанија беше во шок, а Фред по неколку минути пропушти шанса за да го зголеми водството.
„Црвената фурија" не можеше да се наметне со својата игра против одлично организираниот Бразил кој им ја растураше играта на средината на теренот. Првата шанса на Шпанците стигна во 19 минута кога Иниеста се закани од голема далечина, но Цезар ја изби топката во корнер.
Стрелецот на голот за Бразил пропушти уште една можност за гол во 32 минута откако по контра нападот Нејмар одлично му асистираше, Фред очи во очи со Касиљас биеше на прва, но биеше директно во телото на голманот на Реал Мадрид.
Во контра напад тргна и Шпанија и откако Педро веќе го совлада Цезар во 40 минута, Давид Луиз интервенираше и спаси чист гол речиси од гол-линијата. На две минути до крајот на првиот дел Нејмар прими топка по левата страна и со фантастичен силен удар го совлада Касиљас за делириум на Маракана.
Настаните во вториот дел повторно течеа како на филмска лента во корист на избраниците на Сколари. По одличната акција на домаќините Фред со прецизен удар од шеснаесетникот погоди за 3:0 и го најави дебаклот на светскиот шампион.
Во 55 минута од мечот Шпанија можеше да ја врати неизвесноста на мечот, но Рамос го прошаши целиот гол од ударот од 11 метри. На средина од второто полувреме уште еден неповолен момент му се случи на составот на Дел Боске. Пике интервенираше несмасно врз Нејмар и доби директен црвен картон.
По промашениот пенал и црвениот картон за Шпанија, веќе беше јасно дека европскиот и светски првак нема сили да се врати по големото водство на домаќините и со јалова иницијатива не успеа да дојде ниту до почесен погодок.