Светскиот првак Аргентина едвај се спасуваше против Зеленортски острови

Репрезентацијата дебитант на Светско првенство Зеленортски острови (земја со население од 530.000 жители) ја намачи Аргентина во 1/16 финале од Светското првенство па Меси и другарите едвај после продолженија славеа 3:2 и се пласираа во осминафинале со тешка мака.

Бранителот на светската титула од 2022, Аргентина беше огромен фаворит против малиот дебитант од Зеленортски острови. Но се испостави дека налетаа на многу тврд орев па за малку спречија сензација.

Лионел Меси испиша уште еден рекорд за историја, стана прв фудбалер на светот кој одиграл 30 натпревари на Светски првенства.

Притоа беше стрелец на гол на осми натпревар по ред на Мундијалите со што е апсолутен рекордер а учествуваше во последните 13 погодоци на Аргентина.

На стартот на мечот во Мајами, на стадионот „Хард Рок“ пред повеќе од 50.000 аргентински навивачи каде Меси игра за Интер Мајами, немаше многу возбудувања.

Зеленортски острови како и на дуелот со Шпанија (0:0) излегоа во цврст блок, во силна одбрана и оддолеваа на сите напади на „гаучосите“.

Но Меси ја продолжи магијата на Светско 2026 и постигна нов гол! По асистенција на стоперот Лисандро Мартинез во 29' минута го отвори резултатот:

Ова беше 17. гол на Меси на Светските првенства со што е апсолутен рекордер а забележа и 9 асистенции досега.

Со тој резултат се отиде на полувреме и делуваше дека Аргентина има се под контрола.

Но Зеленортски острови тргнаа без страв, решија да го разубават 1/16 финалето против светскиот шампион и тоа многу брзо им се исплатеше.

После неколку добри акции и корнери во 59' минута Аргентинците беа шокирани. Мендез го пронајде Дуарте кој го матираше Мартинез.

Само неколку минути после израмнувањето, Меси излезе еден на еден со фамозниот голман на Зеленортски Острови Возиња кој правовремено реагираше, му го скрати аголот и одбрани. Возиња и на овој натпревар бранеше чудесно како против Шпанците.

Токму Возиња беше поуспешен од Меси во следните неколку напади на Аргентинците и му ги скроти сите обиди.

Светскиот шампион не го скрши отпорот и се отиде во продолженија. А таму Аргентина брзо повторно поведе. Меси центрираше од корнер, Лисандро Мартинез ја сврте топката кон голот и го совлада Возиња за 2-1 во 90+2' минута од продолженијата:

И кога сите присутни мислеа дека ова е дефинитивно крај, Зеленортски острови пак не се предаваа. Кабрал во 112' минута од продолжението го постигна најубавиот гол од досегашниот тек на Светското првенство. Со прекрасен шут од косо го испружи Емилијано Мартинез колку што е долг и го шокираше светот:

Осум минути подоцна нова асистенција на Меси за конечен крај на маките на Аргентина. Лео центрираше од корнер, а Динеј си постигна автогол по шутот на стоперот Ромеро во 111' минута за конечни 3-2:

Аргентинците се провлекоа и се пласираа во осминафинале каде ќе ги чека Египет со Мо Салах кои ја совладаа Австралија во драматичен пенал рулет.

4 јули 2026 - 08:55