Светскиот фудбалски патник

Запознајте го Луц Фаненштил, голманот кој лежел во затвор додека играл во Сингапур, бил прогласен за мртов на терен во Англија, играл за 25 клубови во 13 земји и е единствен фудбалер кој има настапено во сите 6 конфедерации на ФИФА.

Ниту еден фудбалер на планетата не може да се пофали со кариера како онаа на Германецот Луц Фаненштил.

39-годишниот голман е роден во Баварија и важел за еден од најталентираните млади голмани. Тој бил член на репрезентацијата на Германија до 17 години и добил покана од Баерн Минхен, но ја одбил затоа што се плашел дека ќе биде резерва.

Наместо во германскиот гигант, Фаненштил се одлучува за сосема поинакво искуство. Тој решава дека сака да го запознае светот и потпишува за клуб од Малезија.

Од таму се сели во Англија, а потоа кариерата ја гради во САД, Финска, Сингапур, Нов Зеланд, Норвешка, Канада, во сезоната 2006/2007 бил во наше соседство кога настапувал во Албанија за екипата на Влазнија од Скадар, а потоа се сели во Ерманија, Бразил и кариерата ја завршува во 2011-та година во Намибија.

За време на неговата богата кариера тој има многу интересни, но и неколку непријатни искуства. Додека играл во Сингапур, тој бил обвинет дека мести натпревари и поминал 101 ден во затвор и бил ослободен затоа што немале доволно докази.

Кога настапувал за нисколигаш од Англија, Пфаненштил престанал да дише и доживел клиничка смрт.

Најдолг престој имал во Нов Зеланд каде поминал 5 сезони, а за овој период тој може да се пофали дека има украдено пингвин кој го чувал во када, а бркал и крадци кои од домот му го украле омилениот дрес.

По завршувањето на професионалната кариера, Фананштил почнал да работи како тренер, а бил и тренер на голманите на репрезентациите на Куба и Намибија. Во моментов тој повторно патува низ целиот свет како скаут на Хофенхајм.

Луц Фаненштил е единствениот фудбалер на планетава кој има играно во првенства од сите 6 конфедерации на ФИФА, а работи и на остварување на неговата идеја да организира првиот фудбалски натпревар на Антарктикот.

18 март 2013 - 13:04