Еден од најугледните италијански весници „Кориере дело Спорт" ги собра на едно место најдобрите 40 млади талентирани фудбалери од светот кои настапуваат за европски клубови. Се работи за играчи родени во периодот помеѓу 1993 и 1996 година.
Дел од нив веќе се пробија на европската сцена и полека се наметнуваат за места во првиот тим во големите екипи. Меѓу нив е Погба од Јувентус, Дракслер од Шалке, Маркињос од ПСЖ, Јанузај од Манчестер Јунајтед, Варан од Реал Мадрид и уште многу други.
Во оваа силна конкуренција на талентирани момчиња има фудбалери од Италија, Холандија, Шпанија, Германија, Аргентина, Франција, Бразил и ред други фудбалски земји од каде најчесто испливуваат на површина најголемите фудбалски имиња, но тука е вмешан и нашиот северен сосед.
Иако Србија, утрешниот наш противник со кој ќе финишираме уште еден неуспешен квалификациски циклус стагнира во репрезентативниот фудбал и нема да патува во Бразил, сепак може да се пофали со настапи на големите квалификациски натпреварувања.
Доказ за тоа колкава е разликата во квалитетот помеѓу нашата и српската фудбалска репрезентација или поточно младинскиот погон и потенцијалот со кој располагаат е оваа табела на познатиот италијански весник.
Србија во друштво со големите сили може гордо да се пофали со дури петмина талентирани играчи. Тројца од нив се од таборот на српскиот шампион Партизан и по еден од Бенфика и Андерлехт. Македонија очигледно дека е далеку и од оваа фудбалска мапа.