Фудбалскиот пат на Алесандро Флоренци

Со жена ми се запознав на трибина

„Еден ден ќе му ја додаваш на Тоти со нога, а не со рака", му рекол Луиџи Флоренци, таткото на Алесандро кој од Јужната трибина на Олимпико се симна на теренот и заигра покрај својот идол, капитенот Франческо Тоти.

Кон средината на јули, Алесандро Флоренци и Иленија Ацтори се венчале во римската црква Сан Пиетро ин Монторио. Се запознале во 2010-та година на фамозната јужна трибина на стадионот Олимпико. Иленија не ги пропуштала домашните средби на Рома уште од 13 години, а Алесандро уште кога имал 12 години и бегал од часови за да оди на Олимпико.
 
Пет години претходно, Алесандро бил меѓу децата кои собираат топки и им ја фрлал со рака на Тоти, Вучиниќ и Мансини, а во еден момент подоцна се нашол меѓу младинците на Рома. Флоренци се повредил на еден од тренинзите со младинците, а утехата од повредата ја барал во Копот на Курва Суд.
 
Луиџи Флоренци, сопственик на пицерија во едно мало место на еден час со воз од Рим е човекот кој му ја всадил љубовта на Алесандро за Рома. Како и секој татко, така и Луиџи го однел малиот Алесандро на првиот натпревар кога овој имал пет години. Тренер на Рома бил Карло Мацоне, а број 10 Џузепе Џанини (Тоти сè уште не бил во тимот). Првиот дуел кој Алесандро го гледал во живо бил Рома - Каљари, кога тимот предводен од Трапатони успеал да остане непоразен на Олимпико (1-1).
 
На истото место, Флоренци го постигна еден од најубавите голови во историјата на Лигата на шампионите, кога од 45 метри ѝ даде гол на Барселона.
„Паднав од среќа и сите мислеа дека доживеав срцев напад. Гужва околу мене, метеж и сите викаа Боже, Џиџи е мртов!“. изјави татко му Луиџи за Спортмедиасет после мечот.

Еден од првите тренери на Алесандро Флоренци бил Алберто де Роси, таткото на Даниеле. Флоренци набрзо станал главен играч на Рома Примавера, младинскиот состав за кој дал 15 голови и го освоил Скудетото во 2010/2011. Римскиот новинар Фабрицио Габриели се сеќава дуелот Рома - Катанија, кога Зденек Земан го ставил младиот Флоренци во игра наместо Пјаниќ. По неколку непрецизни додавања, на централната трибина почнале да викаат каде го најдовте овој, а темпераментниот татко, мустаќлијата Луиџи станал и почнал да се расправа со гледачите. „Како може да го навредувате син ми“. Флоренци добил поддршка и од Алберто де Роси, кој тврдел дека Алесандро ќе биде одличен играч.
 
Меѓу подобрите другари на Флоренци бил и Андреа Бертолачи, денес фудбалер на Милан. Додека Флоренци имал предвидлив дриблинг и потег во страна, Бертолачи бил еден од најдобрите техничари на генерацијата. Сепак, Алесандро не се предавал и цврсто сакал да стане станар на Тригорија, базата на Римската волчица.
 

Мајка му Лучана редовно го носела на тренинзите, иако Рим не бил близу а центарот Тригорија уште подалеку. Во пионерите на Рома на времето играл и постариот брат на Алесандро, Емилијано Флоренци. На тренинг со нив одел и Емануеле Проципио, најдобриот другар на Алесандро, а денес еден од најпознатите италијански глумци. По извесно време, Флоренци бил повикан во канцеларијата на Бруно Конти.

„Рацете ми беа мраз студени и ме облеваше студена пот. Ми понудија договор. Во првиот тим бројот 10 се знае за кого е резервиран, така што морав да заборавам на 10-та што ја носев во јуниорските денови. Тренерот во јуниорите Андреа Страмачони ми ја даваше осумката", се сеќава Флоренци на почетоците.

На 22 мај 2011 година против Сампдорија (3-1), го замени идолот Тоти. „Не кажа ништо кога излегуваше од игра, само ми намигна и се насмеа. Тоа ми беше доволно да се чувствувам пријатно и комотно", вели Флоренци за дебито против Дорија.

Дека патот до првиот тим е трнлив, Флоренци дознал кога морал на позајмица во второлигашот Кротоне. Токму таму Алесандро ќе ја чекира картата за Рома. Како играч од средниот ред на 35 натпревари ќе даде 11 голови, меѓу кои и еден со ножички против Албинолефе со сркшена рака.

Тоа било доволно тогашниот спортски директор на Рома, Валтер Сабатини лично со кола да тргне до Кротоне и да го врати назад малиот Флоренци за кој мораше да плати 1,25 милиони евра. Во Рома се врати и заигра стандардно. Даде гол против Интер на гости, а неговиот другар глумецот Проципио изјави: „Сигурен бев дека ќе даде гол на Сан Сиро. Тргнав во обложувалница да се кладам на негов гол, но затворена беше уплатата“.

Славата и парите не го смениле Алесандро Флоренци. И натаму секој Божиќ доаѓа во домот на баба му, 82-годишната Аурора која што ја реновирала куќата благодарение на внукот Алесандро. Баба му преку телевизија дознала и за списокот на репрезентацијата кога Флоренци добил повик од селекторот Антонио Конте. Иако нејзиниот сопруг бил поранешен фудбалер, таа секогаш била рамнодушна кон фудбалот. Сепак, еднаш реши да го гледа внукот кој го прослави голот така што се качи во ложата и ја гушна баба му Аурора.

На свадбата на Алесандро Флоренци летово меѓу другите гости биле и Андреа Бертолачи, другарот од јуниорските денови, Емануеле Проципио, другарот од детството, баба му Аурора, Кевин Стротман против кој играше во финалето на ЕП У-21, како и Луиџи Флоренци, таткото без кој оваа приказна немаше да има среќен крај.