Инфантино планирал да го продаде Мундијалот за 20 милијарди долари на период од 96 години

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, подготвувал таен проект за префрлање на комерцијалните права на Светското првенство и сите натпреварувања под капата на светската куќа на фудбалот во приватна профитна компанија.

Според протечените интерни документи до кои дојдоа Гардијан и Атлетик, зделката вредна почетни 20 милијарди долари требало да трае речиси еден век, но била стопирана во последен момент по заканите за бојкот од УЕФА.

Проектот, официјално наречен „ФИФА Форвард Ентерпрајз“ (FFE), а во тајната документација заведен под кодното име „Проект Бокс“, бил подготвуван далеку од очите на јавноста, па дури и без директно знаење на финансискиот оддел на ФИФА.

Документите кои датираат од 17 и 18 јули 2026 година, непосредно пред финалето на Светското првенство, откриваат детали од контроверзниот план кој можел целосно да ја промени сопственичката структура на светскиот фудбал.

Американски фонд избран без тендер

Според планот, комерцијалните права требало да преминат во рацете на нова компанија проценета на 20 милијарди долари, во која самата ФИФА би вложила 1,5 милијарди долари почетен капитал. 

Како главен надворешен инвеститор, без распишан јавен тендер, бил избран американскиот инвестициски фонд „Thrive Capital“, предводен од Џошуа Кушнер.

Договорот предвидувал обновливи циклуси од по 12 години, со максимално времетраење од дури 96 години. Иако ФИФА трајно би задржала мнозински пакет од 51 отсто и четири од седумте места во управниот одбор, со Инфантино на чело, зделката содржела исклучително строги клаузули. 

Доколку ФИФА решела да се повлече или да преговара со друг партнер, морала да му исплати пенал од 250 милиони долари на американскиот фонд.

Дополнително внимание во документите привлекуваат предвидените бонуси за менаџментот на новата компанија до 5 отсто од акциите, што би значело потенцијална исплата до 50 милиони долари за секоја милијарда над почетната процена од 20 милијарди.

Заканите од УЕФА го спасија фудбалот од приватизација

Целата операција почнала да се распаѓа кон крајот на јули, кога првите информации за тајните преговори протекоа во јавноста. Реакцијата на најмоќните фудбалски конфедерации била жестока и експресна. 

УЕФА, заедно со КОНКАКАФ и Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ), отворено се заканиле со целосен бојкот на сите турнири во организација на ФИФА. Соочен со бунт и ризик од распад на светската организација, Инфантино на 1 август бил принуден да го повлече предлогот.

Од ФИФА категорично негираат каква било злоупотреба и тврдат дека Инфантино немал да има никаква лична финансиска корист од зделката, нагласувајќи дека бонусите биле наменети исклучиво за надворешниот професионален менаџмент.

Правна битка во пресрет на изборите

УЕФА веќе покрена правна постапка пред американските судови со цел да издејствува целосно објавување на документацијата од ФИФА, „Thrive Capital“ и банката „JP Morgan“, која била вклучена во структурирањето на договорот.

Овој скандал сериозно ја разниша довербата во актуелното раководство на светскиот фудбал во пресрет на конгресот на ФИФА во Рабат во март 2027 година, каде Инфантино ќе се бори за четврти мандат против кандидатот поддржан од УЕФА, Филип Дијало.

24 ноември 2026 - 14:50