Во вечер исполнета со врвен ракомет и ерупција од емоции во салата Боро Чурлевски, ракометарите на Еурофарм Пелистер му го нанесоа првиот пораз на полски Вибжеже Гдањск со убедливи 34:27 (20:14) во 5. коло од Европската лига на ЕХФ.
Предводени од одличната одбрана и сигурниот Никола Митревски на голот, домаќините направија серија со која уште на полувремето обезбедија комотни шест гола предност (20:14).

Во вториот дел битолчани продолжија во ист ритам и ја достигнаа највисоката позитива од осум погодоци (29:21). Полскиот состав се обиде да се врати во игра со серија од четири гола, но тактиката на Червар „седум на шест“ во напад целосно ја разби гостинската одбрана за мирен и заслужен финиш.
Најефикасен во редовите на битолскиот тим беше капитенот Филип Кузмановски со 8 голови, Петар Атанасијевиќ додаде 5, додека Видомски, Пешевски и Хагбарт средбата ја завршија со по 4 погодоци.

Со овој триумф, Еурофарм Пелистер стигна до 5 бодови во групата Г и во последното коло на гостувањето кај шпанска Ла Риоха самиот ќе одлучува за својата судбина и пласманот во следната фаза.