Легендарниот Михајловиќ го паметиме како човек кој со Дарко Панчев и Црвена звезда станаа европски шампиони, но и како бескомпромисен борец кој во својата калчо кариера на 315 натпревари постигна дури 28 гола од слободен удар и го држи рекордот во италијанската Серија А.
Акутната леукемија, од која боледува Михајловиќ, во народот е позната и како „бела крв“. Таа претставува малигна, клонална болест на матичната ќелија хематопоеза и ја одликува присуство на незрели, млади ќелии во костената срж.
Лекувањето на оваа тешка болест е голем предизвик, но според докторите, медицината многу напредувала во третманот и лекувањето на леукемијата. Целта на терапијата е болеста да се воведе во таканаречена ремисија, односно да ја исчисти костената срж.
Лекувањето поминува низ неколку етапи, затоа што акутната леукемија е склона да се поврати.
„Тој нема симптоми и тоа е многу добар почеток. Од вторник тој ќе посети болница за процеруди, во добри раце ќе биде. Може да продолжи со работа и просто е обврзан тоа да го прави, зошто тој не може да живее ако не зборува со играчите, ако не им кажува на која позиција да играат или што прават лошо. Не можам да кажам колку време ќе трае лекувањето. Ја знаеме дијагнозата, но не го знаеме точниот тип на леукемија, па со оглед на тоа непознат е и третманот.
Актуелните терапии се ефикасни, но треба да направиме уште испитувања за да дознаеме каков тип на терапија треба да се користи.
Го познавам 10 години, тој ќе се врати психички и физички посилен. Тој е просто тенк!“, рекол докторот на Болоња, Џани Нани.
Синиша Михајловиќ ќе има голема поддршка во борбата со оваа опасна болест. Него го поддржаа речиси сите европски клубови, но и многу други активни и поранешни фудбалери, тренери и фудбалски работници.
Српскиот тренер доби поддршка и од капитенот на Болоња, Блерим Џемаили кој вели дека тимот едвај чека тој да им се врати на тренинзите и дека многу им значи неговото присуство.