Голманот Игор Алексовски, дефанзивците Дарко Велковски, Ѓоко Зајков, играчите од среден ред Давид Бабунски, Енес Барди, Бобан Николов и Никола Ѓорчев и напаѓачот Кире Марковски се младинските репрезентативци кои се повикани да играат за А репрезентацијата против Шпанија.
Со овој потег македонскиот селектор практично го почна подмладувањето на репрезентацијата каде сосема логично е да бидат прекомандувани хероите кои минатиот месец се изборија за првото учество на Европско првенство на некоја од фудбалските селекции на Македонија.
„Младинците не се повикани затоа што јас најавив дека сметам на нив, туку затоа што тие тоа го заслужија. Дел од нашите цели кои беа најавени е да се создаде млад тим, спој на младост и искуство. Најдобрите од овој список ќе бидат стартери. Нема веќе млади и стари, ова е А репрезентација во кои се одбрани најдобрите со кои располагаме во моментов“, изјави Игор Ангеловски на денешната прес конференција.
Четвртата пресметка во овој квалификацискиот циклус за СП 2018, Македонија го игра на гости против Шпанија на 12 ноември.