1. СЕЛЕСТИН БАБАЈАРО (Андерлехт - Стеауа, дебитираше во 1994. година)
Како што ќе покаже листава, се чини дека Андерлехт има најголема доверба во младите талентирани фудбалери. Токму бриселскиот клуб го даде досега најмладиот дебитант во ЛШ. Левиот бек Селестин Бабајаро на 16 години и 87 дена дебитираше во натпреварот по групи, Андерлехт - Стеауа во 1994. година. Историското деби на Нигериецот се случи на 37 минути пред крајот, кога Бабајаро влезе во игра.
Од тогаш па наваму, Бабајаро стана клучен играч на олимписката селекција на Нигерија која во '96. година го освои злантниот медал. Бабајаро го даде победничкиот гол. Подоцна заигра за Челси каде на 130 настапи освои ФА Куп и Куп на куп победниците, пред да замине за Њукасл.
Бабајаро во моментов работи како тренер на млади играчи во Нигерија.
2. АЛЕН ХАЛИЛОВИЌ (Динамо Загреб - ПСЖ, деби во 2012. година)
Поранешниот тренер на Динамо Загреб, Анте Чачиќ не се плашеше да фрла млади играчи „во оган", па така вундеркиндот Ален Халиловиќ дебитираше за „модрите" во дербито против Хајдук Сплит. Неколку недели подоцна, Халиловиќ на само 16 години и 128 дена дебитираше и во ЛШ, против големиот ПСЖ на Златан Ибрахимовиќ.
Иако влезе во 90-та минута, Халиловиќ мошне брзо стана првотимец на Динамо З. Покрај тоа, Халиловиќ стана најмладиот стрелец во клупската историја и најмлад репрезентативец на Хрватска. Халиловиќ дебитираше за првиот тим на Барселона, во купот против Елче сезонава.
3. ЈУРИ ТИЕЛМАНС (Андерлехт - Олимпијакос, 2013)
Неколку играчи од листава важеа за страшни таленти, меѓутоа не ги оправдаа во целост очекувањата. Јури Тиелманс во мај ќе наполни 17 години, а веќе дебитираше во ЛШ. Играчот за врска на 16 години и 148 дена заигра за Андерлехт во поразот од Олимпијакос 3:0 во Брисел.
4. ХАРИС МАВРИАС (ПАО - Рубин Казан, 2010)
Понекогаш, кога резултатот не оди, тренерот ќе направи сè за да ѝ тргне на екипата. Па дури и да уфрли во игра 16-годишно дете кое ќе му донесе среќа и ќе реши натпревар. Тоа му појде од рака на тренерот на Панатинаикос, Никос Ниопилас кога во 2010. година на 16 години и 242 дена го стави во игра Харис Мавриас. Гркот стана втор најмлад играч во историјата на ЛШ.
Во 2013. година, Сандерленд за Мавриас даде 3 милиони евра. За жал, младиот напаѓач не играше многу кај Паоло Ди Канио и се врати на позајмица во ПАО овој јануари.
5. Кенет Зохоре (Копенхаген - Барселона, 2010)
Пред да го сруши клупскиот рекорд во ЛШ, Зохоре сруши неколку други во данскиот состав. Со 16 години и 35 денови стана најмладиот фудбалер во историјата на данскиот фудбал и втор најмлад стрелец против Лингби некој месец подоцна. Во октомври 2010. година, на Зохоре му се оствари сонот на секој млад фудбалер. Дебитираше во ЛШ и тоа против Барселона на Камп Ноу.
Зохоре за Копенхаген настапи на 26 натпревари, пред да замине во Фиорентина во 2012. година. Во 2013-та потпиша за Брондби, а подоцна и во Гетеборг.
6. Брајан Кристанте (АЦ Милан - Викторија Плзен, 2011)
Откако веќе обезбеди пласман во нокаут фазата на ЛШ во 2011/2012, тренерот на Милан Масимилијано Алегри одлучи да направи неколку измени за дуелот против Викторија Плзен.
На клупата останаа Златан Ибрахимовиќ, Тиаго Силва и Џанлука Ѕамброта, а до седна и Брајан Кристанте (16 години 279 денови), тинејџерот кој влезе во игра на девет минути пред крајот. Тоа беа и единствените минути на Кристанте во Милан до ноември 2014 година, кога замина во Бенфика за шест милиони евра.
7. Александр Павленко (Спартак Москва - Феенорд, 2001)
Чудото од дете играше во младинците на Динамо Москва, потоа во Академија Москва и Лозана во Швајцарија, за да на крајот стигне во Спартак Москва. Токму за „спартанците", Павленко дебитираше во ЛШ против Феенорд на седум минути пред крајот. Спартак загуби 2:1, а Павленко стана рекордер на рускиот фудбал со деби на само 16 години и 284 денови.
8. Ентони Ванден Боре (Андерлехт - Бенфика, 2004)
Ванден Боре можеби треба да биде предмет на изучување како еден млад фудбалер не треба да постапува. Боре беше главен играч на трофејната генерација на Андерлехт, заедно со сегашниот капитен на Манчестер Сити, Винсент Компани. На само 16 години и 290 денови, Ванден Боре дебитираше против Бенфика.
Тренерот Пол ван Химст го опиша како најголемиот талент што белгискиот фудбал некогаш го имал. Ванден Боре замина во Фиорентина, потоа се загуби во Џенова и во Портсмут, а во моментов игра за матичниот Андерлехт во татковината.
9. РОМАН ВАЛНЕР (Штурм Грац - Интер, 1998)
Штурм Грац се квалификуцаше во групната фаза на ЛШ пред 17 години, но падна во групата на смртта со Интер, Реал Мадрид и Спартак Москва. Очекувано, една нерешена и пет порази. Сепак, во последниот меч од групата, на стадионот Арнолд Шварценегер против Интер влезе Роман Валнер. На 16 години и 298 денови изигра три минути и стана најмлад фудбалер што играл ЛШ за еден австриски клуб.
10. ЏЕК ВИЛШЕР (Арсенал - Динамо Киев, 2008)
Листава не би имала смисла без фудбалерот кој напредуваше повеќе од сите останати на неа. Во 2008. година, Арсен Венгер реши да му даде шанса на Вилшер (16 години и 329 денови) против Порто во групната фаза. И покрај тоа што не играше во следните 119 недели поради повреда, Вилшер веќе има 95 настапи за „топџиите" и е стандарден англиски репрезентативец.