СМС пораката на италијански репрезентативец за Вентура кажува сè

За квалитетите на селекторот кој има тренирано екипи како Пиза, Бари, Месина, Лече и Венеција, а врвот му се Торино и Сампдорија, доволно говори и содржината на оваа порака која играч на Италија му ја пратил на свој колега.

„Ќе поминеме подобро со Џиџи како играч, капитен и селектор. Сега сме брод без капетан во сред невреме“.
Ова е смс пораката која актуелен италијански репрезентативец му ја пратил на друг во пресрет на клучниот дуел меѓу Италија и Шведска за пласман на Мундијалот во Русија.
 
Италијанските медиуми ја објавија содржината на пораката, ама не го откриваат идентитетот на репрезентативецот кој очигледно со ова само ги потврдува сомнителните квалитети на селекторот со кој им се случи фијаско.
 
Џан Пјеро Вентура кој по таков голем неуспех непотребно се правдаше со сопствениот личен скор како селектор, одби да поднесе оставка, но таа му синоќа му ја врачија во Федерацијата која одржа состанок.
 
Безброј критики се редат овие два дена на адреса на 69 годишниот стратег, а меѓу нив се истакнува неговото игнорирање на Лоренцо Инсиње кој игра во топ форма за Наполи. Па дури и Де Роси во најтензичните моменти не сакаше да влезе во игра само за да му отстапи место на брзиот напаѓач.
 
Меѓу главните теми во Италија денеска е кој ќе го замени Вентура, а главното име за кое се шпекулира е Карло Анчелоти кој по заминувањето од Баерн Минхен е без ангажман.
 
Поради предвременото отпуштање, Фудбалска федерација на Италија ќе треба да му исплати на Вентура уште 880.000 евра, кои ќе му ги даде на 8 рати по 110.000 месечно.