Колку треба да си луд да зборуваш за личен скор во ситуација кога репрезентацијата на која си и селектор, нема да учествува на Светско по пауза од шест децении.
Изгледа само на Џан Пјеро Вентура не му е јасно дека ова што и се случи на Италија се смета за национална трагедија и наместо веднаш да ја преземе одговорноста и да си поднесе оставка, тој зема да се фали што направил како селектор.
„Мундијал без Италија? Да, тоа ќе биде неубаво за гледање, но што можам да направам? За жал така заврши. Веќе реков дека им се извинувам на сите Италијанци за резултатот. Мојот скор е еден од најдобрите во последните 40 години, загубив само два меча за две години“, изјави Вентура.
Зарем на човек со 40 годишен тренерски стаж и толкаво искуство, не му е јасно дека при еден ваков срамен неуспех, последно нешто што треба да направи е да каже дека имал само два порази?
Па уште и податокот не му е точен, бидејќи не се два порази, туку три. Под негово водство Италија има 9 победи, 4 нерешени и 3 порази. Тоа се оној од Шпанија во квалификациите, потоа од Шведска на првиот бараж меч и пријателската со Франција во Бари од 3:1.
Вториот момент за кој Вентура е на тапет во италијанскиот печат е неговата изјава во која практично е фатен во лага. На самото негово заминување од аеродромот во Милано, новинар го прашува: Ќе поднесете оставка? Ветувате? На што тој одговара: Да.
Иако од тоа постои видео доказ, Вентура демантира дека изјавил такво нешто.