Служењето војска во Италија почнало постепено да се намалува од 70-те, а целосно било укинато во 2004-та. Тоа значи дека славни фудбалски имиња од Серија А, кои ги гледавме на тв до пред неколку години, биле обврзани да ја носат воената униформа на својата земја.
Малку чудно звучи фудбалер кој навлегол во професионални води да троши време во касарна, да пука со пушка и да стражари, ама ете до некаде и тоа го имало. Со таа разлика што овие таму пред сè играле фудбал.
Меѓу нив биле Паоло Малдини и Роберто Манчини кои кога се јавиле на воена должност во 1988-ма, првиот како 20 годишник, а вториот со 24 години, тоа било голем настан привлечен за новинарите и навивачите.
Во тоа време војска служел и Роберто Баџо, а во 1995/1996 Алесандро Дел Пјеро, Фабио Канаваро, Марко Делвекио и Фабио Галанте. Сите скоцкани во униформи со кратки коси. До слики од ова нивно минато тешко се доаѓа, а познато дека војници биле и Деметрио Албертини и Бепе Сињоњи. Што значи се легенда до легенда.
Но овие големи имиња, кои тоа време биле млади и веќе пробиени во популарната Серија А не служеле војска во конвенционална смисла. Во интерес на нивните клупски бои ризикувале да се повредат при извршување на воените обврски, а и самата воена служба не сакала да си го наруши имиџот ако се знае дека им ја уништуваат кариерата.
Според тоа, откако се приклучиле, фудбалерите поминувале релативно малку време во касарните, а истовремено им било дозволено да си ги исполнуваат клупските обврски.
„Јас само се преправав дека пукав. Пукнав само еднаш и погодокот беше катастрофален. Никогаш нема да бидам поголем ловец од Роберто Баџо. И покрај тоа што е будист, познато е дека одеше на лов по диви свињи“, вели Дел Пјеро во една изјава.
Главниот придонес на овие тогаш млади војници, а сега поранешни славни имиња било да играат за италијанскиот воен тим кој се натпреварувал за Светскиот воен Куп, натпреварување за националните воени екипи кое почнало да се одржува од 1946-та година на секои две години.
Но ова не е колку да се каже дека играчите не ја сфатиле сериозно нивната национална служба. Џенаро Оливиери, тогаш тренер на воениот тим на Италија, имал слабост кон Дел Пјеро.
„Канаваро беше на самиот почеток на кариерата, а Дел Пјеро веќе го имаше освоено Скудетото со Јувентус, беше репрезентативец на Италија и имаше постигнато гол во Лига на шампиони, но никогаш не направи ништо за да се дистанцира од групата. Кога ќе му кажев да игра 10 минут, потоа ќе речеше ај остајте ме да поиграм уште 5. Тој ја почувствува одговорноста на терен и ги правеше луѓето среќни“, вели Оливиери кој раскажува уште една приказна од тоа време со Алекс.
„Организиравме еден натпревар во Калабрија за едно болно дете. Дел Пјеро беше со Јувентус во Германија. Јас му се јавивав и му реков: `Не знам дали би можел, но семејството на детето ме замоли да ти кажам дека многу ќе го ценат тоа ако бидеш тука`. Алекс се качи на авион и ни се придружи. Затоа го обожавам. Тоа ми е едно сеќавање кое нема да го заборавам“.
Воените власти биле горди на однесувањето на Дел Пјеро и неговите придружници. Иако не биле големи војници, тие сепак биле на земја и покрај тоа што веќе биле познати.
Италија е најуспешната земја во историјата на Светските воени првенства со 8 титули, 4 втори места и 3 како третопласирана. Во 1987-ма станале Светски прваци со Џанлука Виали и Чиро Ферара во тимот. Првиот тогаш бил играч на Сампдорија, а вториот на Наполи.
Неочекуван кикс направила воената селекција на Италија на Светското во Рим во 1995-та година и покрај тоа што важела за голем фаворит со Дел Пјеро, Канаваро, Делвекио, Галанте, Аморузо, Фиоре и Флаки.
Ги збришале Холандија со 3:0, Либија со 4:2 и Сенегал со 8:0, а неочекуваниот резултат им се случил со Кипар од кој загубиле 2:1. Уште по неочекувано е што Италија останала со 7 играчи откако црвен картон добиле Дел Пјеро, Канаваро, Делвекио и Пјованели. По завршувањето на мечот, во тунелот имало и вербални напади кон судијата по што ФИФА ги суспендирала Флаки, Фиоре и Пјерини.
Со оглед на опскурноста на турнирот, има недостиг на детали од натпреварот и затоа е тешко да се утврди што точно се случувало. Како и да е, вистинска реткост е да се чуе дека Дел Пјеро се покажал во такво светло, особено ако се знае дека само два пати е исклучен на 777 натпревари како професионалец.
10 години по нивниот неславен пораз од Кипар, Дел Пјеро и Канаваро го освоија Светското првенство во Германија, но она вистинското и далеку потешкото Светско, со униформи во препознатливата сина боја.