Во недела на „Сан Сиро“ Италија ја пречекува Хрватска на квалификациите за ЕП 2016, а во гостинскиот состав се очекува да биде најдобриот стрелец во хрватското првенство кој заби 21 погодок на 15 меча.
Според Калчомеркато го следат Милан, Интер и Аталанта, а хрватските портали пишуваат дека е на мета на Челси и Баер Леверкузен. Во едно од последните интервјуа Крамариќ изјави дека омилени играчи му се Левандовски и Геце, а најголеми се шансите тој да заврши во Борусија Дортмунд, тимот од каде си заминаа неговите идоли.
23 годишниот хрватски репрезентативец топката почнал да ја тркала во Динамо Загреб на 6 години каде станал најдобар стрелец во сите младински категории со вкупно 450 постигнати голови.
Почнал да настапува и во првиот тим, а откако се побунил дека не добива доволно шанса, Мамиќ го ставил на трансфер листа. Во неговата втора сезона за екипата на Ријека, Андреј ги полни мрежите на сите натпреварувања.
На ремито против Севиља 2:2 во Лига Европа, тој ги постигна двата гола, а играч на натпреварот беше и на победата против Феенорд од 3:1, каде постигна хет-трик.
Крамариќ во последните 14 месеци постигна 49 голови на 57 меча, а трите шанси за репрезентација во овие квалификации ги искористи со два постигнати гола против Малта и Азербејџан.
Гол машината на Ријека пред два дена во домашното првенство на Локомотива и даде 5 гола, а минатата година постави рекорд откако на куп дуелот против третолигашот Змај Блато постигна 8 погодоци на меч кој заврши 11:0.
Борусија изминатово лето загубата со Левандовски ја пополни со Чиро Имобиле, Адриан Рамос и Џи Донг Вон, но тие сезонава во Бундес лигата имаат заедно постигнато само 4 голови. Јирген Клоп е на потег.