Откако се дигна многу прав за цените на влезниците за натпреварите на Арсенал и 900-те вратени карти од навивачите на Манчестер Сити кои не сакаа да платат 62 фунти, магазинот FourFourTwo ги сумираше цените за сите клубови од Премиер лигата.
Според нивното истражување, најскапо поминуваат навивачите на Манчестер Јунајтед кои за сите 19 гостувања треба да платат најмалку 840 фунти, односно повеќе од 200 фунти поскапо од навивачите на Рединг, Свонси, Саутемптон и Норич.
Во првата (најскапа) категорија спаѓаат Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Манчестер Сити, Тотенхем, Челси и Арсенал, а кога гостуваат останатите клубови, домаќините наплаќаат многу поефтини влезници.
Арсенал ги има убедливо најскапите влезници (62 фунти), но оваа цена важи само за натпреварите против големите противници, а за помалите клубови тие наплаќаат по 23,5 фунти. Тоа значи дека во просек Арсенал наплаќа по 39,92 фунти за гостинските навивачи што е многу помалку од просечните 50,68 фунти за влезниците за гостинските навивачи на натпреварите на Челси.
Истите влезници кои денес Арсенал ги продава по 62 фунти, пред само три години чинеле 32,5 фунти.