Неверојатна завршница на Премиер лигата. На две кола до крајот на сезоната, Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити се израмнети на врвот на табелата со по 83 поени.
Манчестер Јунајтед во следното коло го пречекува Свонси, а на крајот гостува кај Сандерленд, а Сити гостува во Њукасл и сезоната ќе ја заврши на домашен терен против Квинс Парк Ренџерс.
Актуелниот шампион на Англија до пред три кола ја имаше 20-та титула во рака, но по поразот кај Виган, киксот со Евертон и денешниот пораз од Манчестер Сити, тие му ги вратија шансите на градскиот ривал за првиот трофеј по пауза од 44 години.
Фудбалерите на Манчестер Сити прикажаа поголема желба за победа во текот на првото полувреме. Тие доминираа и креираа неколку шанси, но не успеаваа посериозно да се заканат кон голот на Де Хеа.
Ниту Сити ниту Јунајтед немаа примено гол во првите 15 минути од досегашните одиграни натпревари оваа сезона, па не беше за очекување дека ќе биде постигнат погодок на почетокот и на овој натпревар, но овој пат се чекаше до крајот на првото полувреме.
Во првата минута од судиското продолжение на првиот дел, Сити конечно ја валуризираше својата доминација. Силва изведе корнер од десната страна, а капитенот на Сити, Венсан Компани ја фати гостинската одбрана на спиење и ја заби топката во мрежата со удар со глава.
Во второто полувреме Јунајтед тргна поконкретно кон голот на Сити, но без вистински шанси за израмнување.
Со одминувањето на времето, растеа и страстите на теренот, но и на клупите. По еден прекршок на Де Јонг врз Велбек, менаџерите на двете екипи започнаа вербален конфликт, а Алекс Фергусон во несвојствено за него нервозно издание, тргна да се пресметува со Манчини.
Во самиот финиш Манчестер Сити имаше две големи шанси да го реши натпреварот. Најпрво Де Хеа го одбрани ударот на Клиши, а по една минута Насри се најде пред голот на Јунајтед, но направи потег повеќе и не успеа да ја завери победата.
Фудбалерите на Манчестер Јунајтед одиграа еден од послабите натпревари оваа сезона и во текот на 90-те минути шутна само три пати кон противничкиот гол и ниту еднаш во рамките на голот со што заслужено претрпеа пораз со кој му го препуштија врвот на Манчестер Сити.
Градските ривали од Манчестер се израмнија со по 83 поени, но првото место сега им припадна на Манчестер Сити и со победи во последните две кола можат да ја освојат титулата на која чекаат од 1968-та година.