Сити на -3 пред дербито на Манчестер

Сепак трката за титулата во Премиер лигата е далеку од решена и за шампионот на Англија ќе се одлучува во понеделник, 30 април на големото дерби на Манчестер. Актуелниот шампион со нов кикс му дозволи на Сити да се доближи на -3.

Очигледно згрешивме пред неполн месец кога донесовме заклучок дека Премиер лигата ќе стане здодевна откако Манчестер Јунајтед направи предност од пет поени во однос на градскиот ривал Сити.

По поразот од Виган, фудбалерите на Јунајтед кикснаа и против Евертон на свој терен, а ова го искористи Манчестер Сити и се доближи на три поени пред големото градско дерби.

Манчестер Јунајтед и Евертон одиграа неверојатен натпревар на Олд Трафорд. Домаќините имаа водство од два гола на седум минути пред крајот, но гостите дојдоа до голем бод со конечни 4:4.

Трилерот го најави Јелавиќ кој го доведе Евертон во водство во 31-та минута, а десетина минути подоцна израмнија домаќините преку Руни.

Јунајтед одигра фуриозни 20 минути за кои постигна три гола. Предноста ја донесе Велбек, а на 3:1 зголеми Велбек во 60-та минута.

Евертон не се откажа и намали на 3:2 со голот на Фелани во 67-та, но водството од два разлика го врати Руни по само две минути.

Ова беше историски гол број 180 за Вејн Руни со што тој ги претекна Џорџ Бест и Денис Вајолет на вечната листа на стрелци на Манчестер Јунајтед. Пред него се само уште Боби Чарлтон со 249, Денис Лоу со 234 и Џек Раули со 211 голови.

Домаќините веќе си ги впишаа трите бода кога на седум минути пред крајот имаа предност од 4:2, но следеа шокирачки две минути.

Најпрво Јелавиќ по втор пат се запиша во листата на стрелци во 83-та минута, а по неполни две минути на 4:4 израмни Стивен Пиенар.

Во петтата минута од судиското продолжение голманот Хауард со одлична интервенција успеа да го одбрани ударот на Фердинанд и му направи услуга на Манчестер Сити.

Манчестер Сити со три кикса му дозволи на Јунајтед да се одвои, но со три победи во серија повторно се врати во трката за првата титула по пауза од 44 години.

Фудбалерите на Сити славеа на гостувањето кај Вулверхемптон со 0:2 и го вратија домаќинот во англискиот Чемпионшип.

Стрелци на головите за сити беа Серхио Агуеро во првото полувреме и Самир Насри по асистенција на Тевез во 74-та минута.

ПРЕМИЕР ЛИГА – 35. КОЛО

недела:
Манчестер Јунајтед – Евертон 4:4

Руни 41, 69, Велбек 57, 60 - Јелавиќ 33, 83, Фелани 67, Пиенар 85

Ливерпул – ВБА 0:1
Одемвинге 75

Вулверхемптон – Манчестер Сити 0:2
Агуеро 27, Насри 74

сабота:
Астон Вила – Сандерленд 0:0

Блекбурн – Норич 2:0
Формика 41, Хојлет 49

Болтон – Свонси 1:1
Иглс 14 – Синклер 6

Фулам – Виган 2:1
Погребњак 58, Сендерос 89 - Бојс 57

Њукасл – Стоук 3:0
Кабаје 14, 57, Сисе 18

Арсенал – Челси 0:0

КПР – Тотенхем 1:0
Тарабт 24

22 април 2012 - 19:18