Последен пат кога Јувентус загуби два натпревари по ред во првенството е 1912. година. После поразот од Удинезе во Торино и против Рома на гости, Јуве сезонава го израмни овој негативен рекорд. Бјанконерите синоќа во првото полувреме против Рома имаа само еден шут во рамките на голот на противникот што не се случило од сезоната 2004/2005. Актуелниот вицешампион на Европа и шампион на Италија не можеше да почне полошо.
Маестралниот слободен удар на Миралем Пјаниќ ги погоди во срце навивачите на Јувентус не само поради голот, туку и поради тоа што ги потсети на Андреа Пирло. Бјанконерите останаа без тројцата главни играчи: Видал, Тевез и Пирло и екипата остана без карактер, пишува Газета дело спорт. Што се однесува до замените за нив, Манџукиќ сè уште не покажа дека е достојна замена за Апаче, а Кедира се повреди и ќе отсуствува долго време.
Алегри против Рома играше 3-5-2, формација во која на средината играа Лихштајнер-Стураро-Падоин-Погба-Евра. Квалитетот и физичката спрема на овие фудбалери не е на највисоко ниво. Секако, ова не е стандардна екипа затоа што на Алегри му фалеа Кедира и Маркизио кои се повредени, како и новодојдениот Алекс Сандро. Куадрадо влезе на крајот од мечот. Сепак, да преминеш од Пирло на Падоин во средината е загрижувачки за тифозите на Јувентус.
На Пол Погба му ја дадоа 10-та, симболот за најдобриот играч на екипата. Французинот, за кој се одбија понуди вредни 80 милиони евра (Барселона и Челси) има одговорност повеќе сезонава, пред сè без Пирло и Видал, но за сега не е во состојба да го носи Јувентус сам на грб. Во една целосно нова екипа и него му е потребно време, но останува да се види дали освен што е одличен играч е и добар лидер.