Сериозни планови со Лига на нации која може да го засени Светското

УЕФА смислила супер-идеја, ама поголемата ФИФА не дозволила некој „да омрси брк“ без неа, па така Џани Инфантино и екипата им ја киднапирале идејата.

Во фудбалот почна нова ера. Стартуваше Лига на нации која што се игра во цела Европа.

Лигата на нации вклучува натпревари како Англија - Шпанија на Вембли во највисоката лига па се до Лихтенштајн - Гибралтар во најниската лига.

Луѓето од УЕФА со текот на Лига на нации кројат планови за нејзино проширување. Спортските работници сакаат на секој континент да спроведат иста таква Лига на нации и победниците од секој континент да игра на Светска Лига на нации.

Ова е големо откритие но останува прашањето може ли ваков турнир да го загрози легендарното Светско првенство во фудбал?

Каков им е планот?

Лига на нации е должна да го направи фудбалот подобар. Репрезентативниот спорт десет месеци во годината е во сенка на клупскиот фудбал и сака да се врати на голема врата.

Лигата на нации ја смислија пред пет години неколку чиновници на УЕФА вклучувајќи го и тогашниот генерален секретар на организацијата Џани Инфантино кој се издигна до претседател на ФИФА.

Сакале да го избават меѓународниот фудбал од пустотијата: Со децении европските репрезентации играа бесполезни пријателски средби или пак во квалификациите гигантите се шегуваа со малите: Германија си поигруваше со Сан Марино, Франција со Малта итн.

Во Лига на нации конкурентноста е далеку поголема. Репрезентациите се поделени во четири дивизии во зависност од рејтингот. Во секоја дивизија има групи од типот: Франција-Германија-Холандија или Шпанија-Хрватска-Англија или Азербејџан-Фарски острови-Малта-Косово.

Во јуни следната година четири победници на групи од секоја дивизија ќе играат во плејоф на кој ќе се реши освојувачот на турнирот.

Лигата на нации помага да се добијат неколку места за Евро 2020, настрана од традиционалните квалификации. Секој ќе има за што да игра: репрезентациите кои ќе завршат последни во група испаѓаат во една дивизија подолу а победниците на групите разбирливо одат во повисока дивизија.

Лига на нации не значи само по себе дека ќе има повеќе натпревари туку ќе има поквалитетни натпревари.

Ако овој експеримент биде успешен (а веќе има знаци дека е одличен), КОНКАКАФ (Конфедерација на Северна и Централна Америка) планира да организира идентична Лига на нации. За вакво нешто веќе разговарале и најголемите азиски федерации.

Замислете краток турнир од осум репрезентации кој се игра на секои две години. Составот може да биде на пример ваков: Бразил, Аргентина, Јапонија, САД, Мароко, Франција, Шпанија, Германија.

Ваков турнир Светска Лига на нации лесно би го заменил досадниот и неинтересен Куп на Конфедерации.

Останува прашањето кој ќе владее со таква Светска Лига на нации?

Кога во УЕФА дошле до оваа идеја, тие не оставиле место за ФИФА. Но потоа Инфантино, којшто стана претседател на ФИФА во 2016 година решил да „го киднапира“ планот.

Џани Инфантино ја видел Лигата на нации како нов извор на финансирање на ФИФА која што долго време се концентрираше само на машкото Светско првенство од кое заработува 90% од приходите. На ФИФА и се потребни свежи пари затоа што со големите скандали околу корупцијата изгубија многу големи спонзори (претежно од Западот).

Кој ќе плати?

Пролетта годинава конзорциум на влијателни инвеститори се согласил да вложи 25 милијарди долари во Лигата на нации за секој континент, за Светска Лига на нации како и за проширен светски клупски фудбал.

Инфантино ја нарекол оваа инвестиција најголема во историјата на фудбалот.

Согласно планот на ФИФА, осум земји кои ќе настапуваат во Светската Лига на Нации ќе можат да заработат по 37,5 до 75 милиони долари (секоја од нив поединечно). За споредба Германија за победата на минатогодишниот Куп на Конфедерации добила 4,2 милиони евра. За возврат за вложувањето сериозни пари во овој проект, конзорциумот добил право да го контролира турнирот до 2033 година.

Со ова продолжува нетранспарентноста на ФИФА затоа што Џани Инфантино одбил да ги објави имињата на тие кои стојат зад огромната зделка. На средбата во Колумбија Инфантино побарал од Советот на ФИФА да го одобри планот во рок од 60 дена.

Советот одбил а незадоволна е и УЕФА.

„Тоа беше наша идеја за Светска Лига на нации. Ние му ја претставивме на претседателот на ФИФА, па потоа на националните фудбалски федерации. И сега ФИФА вели дека тие се спремни да ја продадат нашата идеја на некој фонд без никакво објаснување. Тоа е чуден предлог“, изјавил уште во мај годинава претседателот на УЕФА Александар Чеферин за реномираниот Kicker.

Луѓето од Financial Times дознале дека шемата на ФИФА за идејата на УЕФА ја финансирал јапонскиот технички конгломерат SoftBank заедно со инвеститори од Кина и Саудиска Арабија, меѓу нив највлијателните Саудијци.

Земјата богата со нафта страсно го саака фудбалот и им завидува на помалите комшии од Катар кои ќе бидат домаќини на Светското првенство 2022. Тие сакаат да имаат свој турнир кај нив дома, затоа што не им се чека евентуално до 2030-та, па затоа Саудијците сакаат да бидат домаќини на првата Светска Лига на нации.

Џани Инфантино често ја посетува Саудиска Арабија и е близок пријател со младиот принц Мохамед бин Салман. Поради конфликти во однос на правата на Светска Лига на нации, овој турнир може и никогаш нема да се одржи. Но ако се одржи тоа нема да биде пред 2022 година.

ЗОШТО СЕГА СВЕТСКОТО ГУБИ ПОЗИЦИЈА?

Кога евентуалната Светска Лига на нациии ќе најде место во меѓународниот календар, таа би можела да го надмине Светското првенство по престиж и интерес од публиката (како што самото Светско на времето ја надминал Олимпијада по гледаност и реноме).

Светското фудбалско првенство денес важи за најпопуларен мега настан на светот. Но статусот на Светското е малку на поклимави нозе отколку што изгледа. Просечната гледаност на Мундијалот паднала во некои земји како Португалија, Шпанија и Аргентина каде многу натпревари се гледаат бесплатно на видео бимови.

Како што покажа неодамнешното Европско првенство во Франција 2016, повеќе селекции не значи и поквалитетно првенство. Во просек по натпревар од групната фаза на Евро-2016 каде имаше 24 репрезентации, гледаноста била за 23% помала отколку на Европско 2012 каде играа 16 репрезентации (ова се податоци од Futures Sport).

Сега ФИФА донесе уште решение кое може да ги „олади“ навивачите: од 2026 година на Светското нема да играат 32 туку 48 репрезентации.

Се покажало и дека повеќето натпревари на Европското првенство 2016 каде првпат иновативно имаше 24 репрезентации, паднале во просек по 2,12% гола по натпревар што бил најслаб резултат во последните 20 години од Европските шампионите.

ФИФА исто го прошири Светското првенство на 48 репрезентации и овој прекрасен турнир ризикува да стане досаден.

Едноставно е: на светот не постојат 48 репрезентации кои заслужуваат да се најдат на Светско првенство во ист момент.

Мундијалот летово во Русија покажа дека Азија и Африка не заслужуваат повеќе места затоа што само една од десетте земји кои се квалификуваа за Светското, отиде во нокаут фаза (Јапонија). Сите други испаднаа.

ФИФА го прошири Светското поради пари. Поголем турнир носи повеќе приходи од телекомпаниите, спонзорите и од продажбата на влезници. Значаен дел од овие средства ќе им легне на сметка на 211 национална фудбалска федерација. Но проширувањето ќе придонесе за губење на престижот.

Навивачите на тој начин ќе се утешат со Светска Лига на нации каде би имало „одбрано друштво“.