Торинскиот Dream Team
Првпат уште од калчополи, експертите се согласни во прогнозите - никој не разгледува варијанта според која Рома, Наполи или некој друг ќе го направи нервозен тимот на Масимилиано Алегри. И покрај тоа што од Јувентус заминаа Пол Погба, Алваро Мората и Симоне Падоин, навивачите на Старата Дама не стравуваат од црни сценарија во првенството затоа што Јуве ги купи двајцата главни играчи на главните конкуренти - Миралем Пјаниќ и Гонзало Игуаин.
Целата акција, изведена во стилот на Ото Скорцени не остави не трунка сомнеж: Серија А постепено (ако веќе не е) станува првенство на еден клуб. „Бјанконерите“ се близу до апсолутен рекорд, затоа што никој досега не освоил шест титули по ред - ниту легендарниот Јувентус од ’30-те години, ниту пак наследниците на Мацола во Торино и Интер на почетокот на ’2000-те години.
Јувентус е премногу фокусиран на сонот за освојување на Лигата на шампионите и бескрајните разговори во врска со најсилниот тим во последните 20 години во Италија може да придонесат Јуве да не го сфати сериозно домашниот фронт како што се случи во сезоната 1984/85 и 1985/86 кога Торинезите имаа извонредни играчи, но скудетото го освојуваа Верона па Милан.
Холанѓанец во Интер
Претставниците на холандската школа на фудбалот имаа големо влијание на италијанските колеги. Доволно е да се сетиме на Томазо Маестрели кој се инспирирал од легендарниот Ринус Михелс. Главниот револуционер во калчото од ’80-те, Ариго Саки својата автобиографија ја нарече «Calcio totale» (Тотален фудбал) со што им оддаде големо признание на големите претходници од земјата на лалињата.
И Антонио Конте по завршувањето на фудбалската кариера го учел тренерскиот занает во Холандија.
Промената на тренерот на 12 дена пред почетокот на сезоната не изгледаше баш мудро. Но може ли да биде поинаку во Pazza Inter? Во секој случај, контрадикторноста меѓу шефовите во Интер и Роберто Манчини порано или подоцна ќе завршеше со разделба.
Манчо и управата имаа различни гледишта на трансфер пазарот и како резултат на таа рамнотежа, некогашниот тренер на Сити бараше играчи кои се спремни веднаш да решат големи проблеми преку ноќ. За време на својата прес-конференција Холанѓанецот Франк де Бур ги шармираше сите откако неколку пати го повтори зборот „филозофија“, термин кој му недостига на Интер.
Дали „Нераѕурите“ ќе имаат болна транзиција или ќе добијат свој стил ќе покаже сезоната, но во секој случај со именувањето на новиот тренер Интер ќе добие исклучиво позитивни емоции.
Винченцо Монтела во Милан
„Аеропланино“ (Авиончето) дојде на Сан Сиро во неспокојно време кога Милан преоѓа од едни на други сопственици. Согласно најновите информации, транзицијата и преносот на кинеските инвеститори ќе бидат завршени дури во ноември. Јувентус добро знае што значи дури и формалната промена на претседател во време на сезона (2009).
Ваквата тешка ситуација може да го спаси тренерот од евентуален отказ при слаби резултати, но шансата за нови играчи е мала. Од новитетите - најдобриот стрелец во Серија Б Џанлука Лападула и стоперот Густаво Гомес уште не се спремни за прва постава. Многу зависи и од тоа дали Карлос Бака (хет-трик синоќа на отворањето против Фиорентина) ќе остане во клубот, затоа што го бараат многу големци.
Депресивни се и навивачите кои до моментов купиле само 10.000 сезонски карти што е апсолутен анти-рекорд во целата ера на Берлускони.
Но ако го чекаат идеалниот ден, тој никогаш нема да дојде. Порано или подоцна Милан мора во управата да викне специјалист кој ја знае ДНК-та на клубот како Малдини, Барези или Бобан.
Продолжување на бајката Сасуоло
Во четвртокот сите се убедивме дека „Нероверди“ не можаат да се споредат со другите италијански клубови во Европа на кои им фали мотивација. Сасуоло со 3:0 ја победи Црвена звезда и е на прагот од групната фаза во Лига Европа. Нивната авантура продолжува.
Следна цел им е успешен настап во ЛЕ. Им заминаа Врсаљко и Сансоне но тоа го компензираа со неколку перспективни фудбалери, особено со 21-годишниот Стефано Сенси кој претендира да стане нов лидер на клубот. Наскоро Сасуоло ќе остане без тренерот Ди Франческо кој е на мета на многу големи клубови и следната пролет би можел да го напушти клубот. Ова се однесува и на Доменико Берарди кој за една недела готово сигурно ќе биде повикан во Коверчано (базата на италијанската репрезентација).
Наполи без Гонзало Игуаин
Уште подобро ќе биде да видиме како ќе изгледа новиот Наполи чијашто главна фигура е тренерот Маурицио Сари, тренер кој сака да го оживее италијанскиот фудбал и да направи Risorgimento (Ренесанса) со клубот. Секако дека тоа не би можел без поддршка од Аурелио Де Лаурентис и спортскиот директор Кристијано Џунтоли.
Минатото сезона Сари не можеше во потполност да ги реализира своите идеи - затоа што мораше да се скраси на новото место. Иако веќе Џунтоли покажа интерес за Дармиан, Сориано, Имобиле и Сапонара, целосната „италијанизација“ на Наполи не успеа, затоа што менаџментот немаше доволно време (можеби и способност) да преговара и да ги спушти цените.
Меѓутоа следбениците на Џузепе Гарибалди не седеа со скрстени раце. Како резултат на тоа Граси, Џакерини и Тонели дојдоа во Наполи, а Диавара од Болоња би можел да им се приклучи во секој момент. Маноло Габјадини ќе има повеќе простор во нападот по заминувањето на Игуаин.
Ако Сари се задржи во Кастел-Волтурно уште најмалку три години, Наполи ќе може да има повеќе репрезентативци од Јувентус, а дури и да стане основа на италијанската селекција. Пред два месеци Сари изјави:
„Серија А има премногу странци, големите клубови претпочитаат странски играчи. Но јас претпочитам да тренирам 18-годишен Италијанец отколку 30-годишен странец.“
Шанса за Марко Џампаоло
Кариерата на овој тренер потсеќа на компјутерска игра Фудбал Менаџер. Минатогодишнот успех со Емполи не мина незабележано и тој го прифати повикот на Сампдорија иако за него беа заинтересирани поголеми клубови. Иако „Блучеркијати“ ги напуштија Кореа и Фернандо Сориано, Џампаоло нема да има проблем со тоа затоа што во иста ситуација беше и во Емполи кој тогаш раскина со шест клучни играчи.
Очигледно Антонио Касано кој не најде заеднички јазик со Џампаоло ќе мора да замине. Во нападот Дорија го има Фабио Кваљарела кој признанието го стекна токму на „Мараси“ во Џенова.
Непредвидлива борба за опстанок
Како никогаш досега списокот на екипи кои би можеле да испаднат е голем. Прв кандидат за испаѓање е дебитантот во Серија А, Кротоне кој го отпушти главниот тренер Иван Јуриќ кој потпиша со Џенова. Тука е и симпатичната Пескара чиј тренер е Масимо Одо, светскиот шампион о 2006. година. И Каљари кој направи импресивен состав - Бруно Алвеш како европски првак со Португалија, Симоне Падоин, Марко Бориело, Жоао Педро и Марко Сторари.
Сомнеж има и во Емполи кој не може да гарантира опстанок со тренерот Џовани Мартушело кој нема големо искуство како главен тренер. Нема да му биде лесно ниту на Удинезе кој ќе треба да научи да живее без Антонио Ди Натале.
Тешка работа ги чека и нашите Александар Трајковски и Илија Несторовски со Палермо чијшто тренер Давиде Балардини одново реши да соработува со најлудиот претседател на фудбалски клуб во Серија А.
Порано или подоцна за опстанок би можел да се бори и Кјево, и Аталанта која што ја предводи Џан Пјеро Гасперини со 3-4-3 формација. Ништо помирни не може да бидат ниту навивачите на Болоња кои не можат да спијат мирно затоа што екипата минатата пролет едвај се спаси и сега за среќното 17. место ќе треба да се испотат добро.
Видео повторување за време на мечот
Тоа го изгласаа. Иако долгоочекуваната иновација ќе ја гледаме дури од 1. октомври - сите технички проблеми ќе бидат решени до 7. коло од првенството. Може и порано, но Здружението на прволигаши и Италијанскиот фудбалски сојуз речиси цело лето се надвикуваа кој треба да го финансира проектот. Како резултат на тоа Маурицио Берета и Карло Тавекио се договориле да плаќаат по пола. Но од сезонава Moviola in campo ќе се користи само на две средби од секое коло како и во Купот на Италија.
Пет млади играчи во Серија А на кои треба да обрнеме внимание сезонава:
Федерико Димарко (Емполи), Мануеле Локатели (Милан), Стефано Сенси (Сасуоло), Валерио Вере (Пескара) и Виторио Париџини (Кјево).