Санти Казорла и Пауновиќ го внесоа Овиедо во шпанска Ла Лига после 24 години

Бесконечна радост имало деновиве во шпанскиот град Овиедо чиј истоимен тим го победи Мирандес во реваншот од финалето на баражот за пласман во прва лига и се пласираше во најдоброто шпанско фудбалско друштво. Првпат после цели 24 години!

Epa images
Epa images
Epa Images

Дури 8.770 дена по испаѓањето од Ла Лига, Овиедо се враќа во елитата. Интересно, тогаш како играч во екипата беше Вељко Пауновиќ кој денес од клупа го предводеше тимот до историски пласман во прва лига каде ќе се сретнат со Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Севиља и други.

Главен јунак на триумфот е 40-годишниот легендарен ветеран Санти Казорла кој постигна гол во победата а после натпреварот лудо славел со навивачите кои влетале на терен.

„САКАМ ДА ГО ВРАТАМ ОВИЕДО ВО ПРИМЕРА“

Еден од најомилените фудбалери во Шпанија, некогашен репрезентативец на оваа земја и фудбалер кој долго време го носеше дресот и на Арсенал, Санти Казорла е дете на Овиедо.

Казорла потекнува од фудбалската школа на овој клуб. До 18 години бил во системот на клубот но за првиот тим не заиграл. Во 2003-та година клубот го продал младиот талент во Виљареал. Немале доволно пари и секој нов прилив добро им доаѓал во трета шпанска лига.

Казорла се врати во Овиедо на истото место 20 години подоцна, на свои 38 години. По богатата кариера во разни клубови, од катарски Ал Сад се врати во родниот тим и потпишал договор за минимална плата. „Сакам да го вратам клубот таму каде што заслужува да се најде. Овиедо треба да игра во Примера. Сонувам за тоа од детството, сега можам да учествувам во тоа и самиот“, рекол Казорла на презентацијата во Овиедо.

Сега конечно успеа да го оствари сонот. По поразот 1-0 во првиот натпревар од финалето на баражот во шпанска втора лига Сегунда, Овиедо на реваншот пред свои навивачи славеше 3-1 и обезбеди пласман во Ла Лига. Еден од головите, од пенал го постигна легендарниот Санти Казорла.

СОПСТВЕНИЦИ ОД МЕКСИКО

Хесус Мартинез, милијардерот од Мексико кој е сопственик на Овиедо, од моментот на своето доаѓање во клубот Овиедо изјавил дека има намера да ја врати екипата во елитата на шпанскиот фудбал. Сега кога целта е постигната, компанијата Grupo Pachuca која стои зад Овиедо планира голем проект со амбиции за излез во Европа.

Сопственикот Мартинез и неговата компанија исто така управуваат и со клубовите Леон и Пачука во Мексико и со Евертон од Чиле. Тој има репутација на човек способен да ги однесе клубовите на едно повисоко ниво. Под негова управа, Пачука и Леон не само што се закрепиле во најдобрата мексиканска лига туку и имале меѓународен успех - победа во Лига на шампиони КОНКАКАФ за Централна и Северна Америка.

Проектот Овиедо во Примера ќе биде постепен и разумен, без залетувања како многу новајлии во најдобрите лиги кои набрзо паднале повторно.

ВЕЉКО Е КЛУЧНА ФИГУРА

Србинот Вељко Пауновиќ, легендарен фудбалер на белградски Партизан кој играше во повеќе шпански и мексикански клубови, бил поставен на клупата на Овиедо во март. Тој направил чудо: под негово водство екипата забележила 7 победи на 10 меча и за малку дури и не обезбедила директен пласман во Ла Лига.

Интересно Србинот беше играч во тимот на Овиедо кој во далечната 2001-ва испадна до Примера во втора лига Сегунда. Сега како тренер на екипата го враќа Овиедо во елитно друштво.

Вељко Пауновиќ сега ќе има на располагање сосема пристоен буџет и заедно со управата и ресурсите на Grupo Pachuca ќе се обидат да скројат тим достоен за големи борби во најсилното друштво. 

Прв чекор на тој пат им е продолжение на договорот со Пауновиќ и потоа постепено учество на трансфер-пазарот.

24 јуни 2025 - 12:00