Предстојната Копа Америка ќе биде парада на ѕвезди, затоа што од 11. јуни во Чиле фудбал ќе играат играчи од калибарот на Меси, Нејмар, Игуаин, Фалкао, Алексис Санчез, Карлос Тевез, Хамез Родригез.
На турнирот кој е пандан на Европското првенство ќе учествуваат 10 држави од Јужна Америка, како и две гостински селекции, Мексико и Јамајка, поделени во три групи кои ќе ги состават најдобрите 8 за во четвртфиналето. Турнирот ќе се игра во осум чилеански градови: Антофагаста, Ла Серена, Валпараизо, Рнкагуа, Темуко, Косепсион, Вина дел Мар и во главниот град, Сантијаго кој ќе биде и домаќин на финалето на стадионот Национал.
Аргентина и Бразил се редовно главни фаворити за титулата, а вниманието е насочено кон Меси и Нејмар, лидерите на своите селекции. Актуелен шампион е Уругвај, кој го освои Купот пред четири години и кој ќе игра без Луис Суарез. Напаѓачот на Барселона уште ја отслужува казната од девет натпревари по случајот со Киелини. Аргентина, како вицешампион е најголем фаворит според букмејкерите.
Ќе биде интересно да се види настапот на Лионел Меси кој веќе има 60 натпревари зад себе сезонава, но не заборава дека Аргентина не ја освоила Копа Америка од далечната 1993. година (загубија две финалиња по ред од тогаш). Реакција се очекува и од Бразил, особено по катастрофата на Мундијалот.
Дебаклот 7-1 од Германија остана најголема спортска трагедија од 1950. година во Бразил, кој сигурно би ја израдувал нацијата со третиот трофеј во Копа Америка на последните четири изданија. Селекторот Дунга се одлучи за свежи сили (Данило, Фабињо, Нето, Кутињо, Фирмино) и ветераните во репрезентацијата Тијаго Силва, Диего Тардели, Робињо и Давид Луиз.
Зад Бразил и Аргентина, големи шанси им се даваат и на Чиле и Колумбија. Домаќинот Чиле ќе биде засилен со Видал, Пизаро, Варгас и Санчез а голема поддршка ќе има и од домашната публика како и одличниот селектор Хорхе Сампаоли. Колумбија ќе игра на картата од Светското првенство, каде забележа одлични резултати. Селекторот Пекерман може да смета на ѕвезден напад (Фалкао, Џексон Мартинез, Бака, Гутиерез, Ибарбо и Муриел).
Според обложувалниците, следува Уругвај кој ќе мора да се потпре на Единсон Кавани. Парагвај ќе се обиде да го повтори успехот од 2011. година кога стигна до финалето, но селекцијата е составена од ветерани со над 35 години (Санта Круз, Оригоза, Бариос и Валдез).
Најтрофејна селекција во историјата на Копа Америка е Уругвај со 15 титули, пред Аргентина со 14 и Бразил со 8 трофеи.