Вардар денеска ја почна ноемвриската серија од шест натпревари, четири во Лига на шампиони и два во СЕХА, а таа почна успешно на гостувањето против Кристијанштад, кој го совладаа без многу напор со 23:26.
Ова е петта победа во пет меѓусебни дуели со шведскиот тим во три сезони по ред во најелитното европско ракометно натпреварување и целосно оправдување на фаворитската улога.
Домаќините беа во игра само во воведните 10 минути од натпреварот кога имаа водство од 5:2, но потоа македонскиот првак се разбуди, тргна посериозно и за 7 минути направи серија од 7:1 со која целосно го сврте мечот во своја корист.
Потоа за Швеѓаните беше тешко да се вратат резултатски. Вардар на полувреме имаше +5, а по 7 минути игра во вториот дел ја продолжи серијата и стигна до високи 10:18. Најголем проблем на домаќините им претставуваше неприкосновениот Арпад Штербик кој го заврши мечот со 17 одбрани.
Најдобри стрелци на мечот беа Тимур Дибиров, Вуко Борозан и Даинис Кристопанс кои запиша по 7 погодоци.
Вардар гостува и во 7. коло од Лигата на шампионите, овој пат во Загреб на 11 ноември.