Во 86’ минута од мечот Луксембург - Португалија (0-2), Кристијано Роналдо го постигна 99-от гол за репрезентацијата. За да го урне легендарниот рекорд на Иранецот Али Даеи (109 гола), на Португалецот му треба уште 10 погодоци.
Но голот на фудбалерот на Јуве предизвика многу коментари. Бернардо Силва од десно крило идеално центрираше, а играчот на Вулверхемптон Диего Жота ја чепна топката со полу-ножички а таа отиде кон празната мрежа. Роналдо на гол линијата само го потврди голот.
Во теорија, домашниот стопер Морис беше веднаш до Роналдо и можеби овој помислил дека ќе спречи гол па затоа ја допрел топката.
На социјалните мрежи се појавија коментари дека Кристијано му го украл првиот гол на Диого Жота за репрезентацијата. Некои го правдаат потегот со желбата на Роналдо што побрзо да стигне до јубилејот од 100 гола за Португалија, но оваа постапка не го краси баш ликот и делото на капитенот на европскиот шампион.
Интересно, на почетокот на ноември ваква ситуација му се случи баш на Роналдо. На мечот Локомотива Москва - Јувентус, Португалецот шутираше слободен удар, домашниот голман Гиљерме згреши и топката отиде кон празниот гол. Но таму на гол-линија ја допре Арон Рамзи и голот му беше препишан нему.
Рамзи после мечот му се извини на Кристијано.