Дербито на шпанската престолнина му припадна на „кралскиот клуб", а со тоа пропаднаа и надежите на Барселона дека градскиот ривал може да му откине некој поен на Реал Мадрид. Реал Мадрид ја забележа и шестата победа во серија над Атлетико и си ја врати предноста од четири поени во однос на Барселона.
Вчерашната победа на Барселона и нивното доближување на -1, не само што не им претставуваше дополнителен притисок, туку и дополнително ги мотивираше фудбалерите на Реал. Гостите поведоа во 25-та минута со одличниот шут на Кристијано Роналдо од слободен удар.
Тоа беше вкупно 50-ти гол оваа сезона за Португалецотво сите натпреварувања.
Големо славје на стадионот Висенте Калдерон приреди Радамел Фалкао кој израмни во 55-та минута. Фудбалерот кој е висок 177 сантиметри успеа да ја зафати топката со глава помеѓу Пепе и Рамос и да го совлада Касиљас.
Сепак славјето на навивачите на Атлетико траеше само 13 минути. Кристијано Роналдо со уште еден прекрасен удар го матираше голманот Куртоа за 1:2.
Во 83-та минута Роналдо стигна и до седмиот хет-трик оваа сезона. Својот трет гол на овој натпревар тој го постигна со удар од белата точка откако Годин го собори Игуаин.
Тоа беше 40-ти гол за Роналдо во шпанската Примера со што тој го престигна Лионел Меси кој против Хетафе го постигна својот 39-ти гол.
На две минути до крајот Каљехон само ја потврди победата.