Рома ја збогати Куќата на славните

Италијанскиот прволигаш е активен на трансфер пазарот летово, но не заборава ниту на минатото. Во домот на римската волчица засекогаш ќе останат Анчелоти, Фелер, Алсидас Гиџа и Винсент Кандела.

Веќе трета година по ред, Рома на своите навивачи им понуди широк избор на фудбалери кои во минатото го носеле дресот на римскиот клуб, а сега преку гласање треба да влезат во Куќата на славните на Рома.

Меѓу нив, во годината кога „волчицата" го слави својот 87 роденден, Карло Анчелоти, Руди Фелер, Гиџа и Кандела се поранешните играчи кои ја збогатија Куќата на славните.

Карло Анчелоти не го криел задоволството и на својот фејсбук профил напишал:

„Почестен сум и горд што влегов во Куќата на славните на Рома, клуб којшто секогаш ќе остане во моето срце.“

Воодушевен бил и Германецот Фелер:

„Во Германија секогаш велам дека сум пола Римјанин, пола Италијанец. За Олимпико ме врзуваат најубавите спомени меѓу кои и Мундијалот во 1990 година.“

Навивачите преку клупскиот сајт, секоја година имаат голем спектар на поранешни играчи, а тие со најмногу гласови стануваат вечни.

„Благодарам на сите оние кои беа дел од мојата кариера во Рома од 1997 година“ - констатирал Кандела, долгогодишниот лев бек на римскиот клуб.“

Во претходните две години вкупно 15 играчи се избрани како „најславни" кои го носеле грбот на Рома: Бернардини, Ферарис, Амадеи, Лози, Рока, Ди Бартоломеи, Конти, Фалкао, Пруцо, Нела, Танкреди, Џанини, Алдаир, Кафу и Монтела.

 

24 јули 2014 - 12:53