Носел фрижидери и чистел отпад на стоваришта, сега потпиша милионски договор со Милан

Милан имаше продуктивен преоден рок, во склад со можностите и колку пари толку музика. Во последните часови од трансфер пазарот во Милан дојде фудбалер кој има многу необично минато. Патот кој го изодел е права инспирација за многу луѓе.

На „Сан Сиро“ летово се искрцаа неколку млади талентирани фудбалери и искусниот ветеран Оливие Жиру. Кога навивачите чекаа уште едно засилување, а управата на чело со Малдини залудно се трудеше и праќаше понуди на разни адреси, на крајот изборот падна на еден интересен лик.

Спортскиот сектор бараше креативен играч во нападот. Главна мета беше Ромен Февр од француски Брест ама понудите за него беа одбивани. После се сврте кон рускиот талент Алексеј Миранчук од Аталанта но тука преговорите отидоа во ќорскокак.

Времето истекуваше и на крај најдоа варијанта во Серија Б. Од Кротоне дојде Бразилецот Жуниор Месиас кој лани имаше сјајна сезона во Серија А.

КОЈ Е ЖУНИОР МЕСИСАС?

Роден е на 13 мај 1991 година во Папуа, Бело Хоризонте во Бразил. Има 30 години а со професионален фудбал почнал да се занимава многу доцна, речиси на свои 27 години.

Месиас детството го поминувал во сиромашните квартови на својот град каде играл фудбал со другарите. Како растел така почнал и да излегува по ноќните клубови и да ужива во бразилската самба. Кратко време тренирал фудбал и во школата на Крузеиро.

Но една вечер му се сменил животот.

„Слушав како ми викаат: „Полека Мико, полека намали малку“. Мико ме викаа од детство, тоа е име на мајмун кој живее во Бразил. Тогаш не слушав ништо и стискав на гас до крај.

Се враќавме од роденден на брат ми. Јас бев пијан, не спиев цела ноќ. И ми се затворија очите во еден момент. Излетавме од патот во поле. Можев да загинам но ме спаси Бог. Таа ноќ го прифатив Господ. Од тогаш верувам толку искрено и силно колку што можам. Сè има смисла, а Бог мене ме спаси. Многу години пиев, се журкав, се забавував, се губев себеси. Но Бог се погрижи за мене“.

Фудбалски бил толку надарен што комотно можел да стави ранец на грб и да тргне на далечен пат до Европа за да отиде некаде на проба. Би го примиле сигурно.

ДОЛГИОТ И НЕИЗВЕСЕН ПАТ ВО ИТАЛИЈА

Но Жуниор Месиас на 20 години живеел многу сиромашно и за да тој и семејството се прехранат и преживеат, решил да оди во Италија. Но не да игра фудбал туку да работи. Брат му некоја година претходно заминал за Италија исто по работа.

Во 2011-та година Жуниор Месиас пристигнува во еден од прифатните центри Barriera di Milano во предградието на Торино. Овој прифатен центар за мигранти и бегалци важел за еден од поопасните во Италија, но и шаренолик зошто во него имало луѓе од разни нации, вери, раси.

Прва работа која што ја добил била на градилиште. Да чисти шут и смет, скршени цигли од градежните работи. Потоа и самиот работел како мајстор, носел градежен материјал и помагал во изградба а по извесно време нашол нова работа - во компанија за продажба на куќни, домашни апарати. Негова задача била достава и утовар.

Во оваа работа му помагале познатите другари Перуанци со кои паралелно играл фудбал во аматерскиот клуб Спорт Варик во предградие на Торино. И тука почнува неговиот подем. Благодарение на Жуниор Месиас ова клупче станува шампион во аматерската лига а Бразилецот го завикале Figura (ѕвезда на шпански).

„Беше една глава повисок од сите. Го викавме „фигура“ што на шпански значи ѕвезда. Месиас беше просто феноменален. Сите противнички тимови ни завидуваа на него. Го освоивме првенството Uisp во Торино а после и регионалниот турнир. Тој брзо стана најдобар играч. Ни на сон не можевме да претпоставиме дека ќе стигне до Серија А“, се сеќава Артуро Варгес, директор на малото клупче Спорт Варик, во разговор за Tuttosport.

НОВА ЕТАПА ВО ЖИВОТОТ, МУ СЕ ОТВОРИЛЕ ГОЛЕМИ ВРАТИ

По напорните физички работи, му следувал поубав период од животот. Имал среќа некогашниот познат италијански фудбалер и тренер Ецио Роси да го примети на еден натпревар. Роси кој имал долга кариера во Верона, Лече, Торино и други десетина италијански второлигаши и третолигаши, се сеќава како тргнала бајката на Бразилецот Жуниор Месиас.

„Сè започна во 2014-та. Во тој период бев без работа и одвреме навреме одев да ги тренирам бегалците и мигрантите во една екипа која се вика Survivor од Торино. Тренираа во 10 навечер кога ќе се ослободеше некој терен. Една вечер одговорниот за екипата, Роберто Рена, ми вика дојди да видиш вечер еден Бразилец не е лош.

Отидов да го гледам мечот. После натпреварот, тргнав кон него накај соблекувалните. На дресот му пишуваше Жуниор, па јас, по цена да ме смета за луд, му реков дека сум играл со играч со такво име кој стана дури и репрезентативец на Бразил. Ме погледна збунето, ама си разменивме телефони. Се договоривме да се видиме на кафе кога ќе може зошто разнесуваше фрижидери низ Торино за тие Перуанци со кои играше фудбал.

Пробав да го убедам да почне да игра на посериозно ниво, знаев луѓе во Фосано, ама тој имаше проблем со дозволата за престој во Италија. Иако имаше жена Бразилка и дете со италијански пасош, уште не му даваа дозвола за престој. Ми раскажа дека во Бразил се намачил со фудбалот во тие фудбалски школи кои собираат деца па ги ашкаат наваму натаму и дека не верува дека ќе успее.

Најважно му била да се грижи за фамилијата и не сака да ризикува зошто има дете. И така заврши муабетот.

После во јули 2015-та година станав тренер на клубот Казале (петта италијанска лига).  Прв играч на кој му се јавив беше тој (Жуниор). Сакав да дојде на подготовки, да го запознаам подобро, да видам што може да направи на тренинзи. Успеав да го убедам.

После три дена претседателот на клубот ми рече дека само слеп не може да го види неговиот талент и веднаш да му дадеме договор и плата од 1.500 евра. Тогаш Жуниор имаше 25 години, не беше дете. Не сум заслужен за неговиот развој колку за тоа што успеав да му го вратам сонот да стане фудбалер.

После пар месеци им давав знак на пријателите од поголемите екипи, на Гасперини во Џенова, па после пак на Гасперини во Аталанта, па во Торино, но јасно дека беше тешко да се верува во дечко кој доаѓа од каде доаѓа.

Токму во Казале блеснал и дал 21 гол на 32 меча и бил најзаслужен што клубот влегол во пристојната Серија Д. Во 2016-та добива побогата понуда од Киери, клуб со кој ќе го освои Купот на Италија за Серија Д истата сезона.

ОД ГОДИНА ВО ГОДИНА НАПРЕДУВА СÈ ПОВЕЌЕ НО НИ НА СОН НЕ ЗНАЕЛ ШТО ГО ЧЕКА

Во летото следната 2017-та му се јавуваат од Про Верчели, повремен второлигаш во Серија Б кој не добил можност да го потпише поради тоа што било забрането да се потпишуваат играчи кои немаат регулиран престој во земјата.

По неколку месеци без фудбал, Жуниор Месиас добива нова шанса. Понуда од Гоцано пак во Серија Д (петта лига). За две ипол сезони таму станува лидер и го пласира клубот во погорна лига.

Кога веќе станал најдобар играч во пониските лиги, интерес за него покажува Кротоне од Серија Б. Првиот гол за тимот од Реџо Калабрија го постигнува на 28 години во втората италијанска лига. Првата сезона ја завршува со 6 гола и 6 асистенции и носи големи заслуги за историски пласман во елитната Серија А.

Од работа во стоваришта во периферијата на Торино до професионален фудбалер во Серија А. Кој би рекол?

Во тандем со неверојатниот Африканец Сими Нванкво даваат еден куп голови и асистенции во Серија А, дури и против гигантите Јувентус, Рома, Лацио, Милан, Интер и стануваат расни голгетери. За жал Кротоне испадна во Серија Б после само една сезона, но неверојатните настапи на Месиас беа препознаени од цела Европа (9 гола и 105 успешни дриблинзи, втор најдобар дриблер во Серија А после Де Паул од Удинезе).

СОНОТ СТАНУВА ЈАВЕ - ПОТПИС НА МИЛИОНСКИ ДОГОВОР СО СЛАВНИОТ МИЛАН

Се враќаме на почеток на приказнава. Росонерите летово донесоа неколку нови засилувања а на позицијата полушпиц тргнаа по неколку фудбалери но секаде беа одбиени (Миранчук - Аталанта, Фавре - Брест).

На крајот изборот падна на Жуниор Месиас, фантастичниот дриблер од Кротоне за кого платија 2,6 милиони евра за едногодишна позајмица со можност за откуп на договорот по цена од 5,4 милиони евра.

„Што учи мојата историја? Секогаш да веруваш. Секако, потребна е среќа, но без труд ништо не се постинува. Никогаш не сум се сметал за јак играч. Мислев и дека сум послаб од другите затоа тренирав повеќе. И секако благодарен сум му на Бог. Бог е се за мене. Како воздух кој дишам. Не би можел без него. Он ми дава сигурност во тоа што го правам. Благодарен сум му на Бог за се што се случува со мене да има смисла“, изјави новиот фудбалер на големиот Милан со кој ќе игра во Лига на шампиони против екипи како Ливерпул, Атлетико Мадрид и Порто во групна фаза.

Во тоа време некои деца од периферијата и прифатните центри ширум Италија ќе сонуваат да тргнат по патот на Жуниор Месиас.

2011 - работел како доставувач на фрижидери и играл за аматерски клуб
2016 - Серија Д
2018 - Серија Ц
2019 - Серија Б
2020 - Серија А
2021 - топ трансфер во Милан.