Приказна за необичниот премин на Јохан Кројф во второлигашот Леванте

Малку е позната приказната за трансферот на легендарниот холандски ас, најдобар играч на светот во свое време, во мал клуб од предградието на Валенсија.

1 март 1981 година е датум запишан со златни букви во архивите на фудбалскиот клуб Леванте каде еден од главните играчи неколку сезони е нашиот репрезентативец Енис Барди.

На тој ден за „жабите“ дебитирал Јохан Кројф, човекот кој го измени светскиот фудбал и за кого се полнеа стадиони. Трансфер во клуб кој тогаш бил второлигаш во Сегунда и кој немал доволно средства да ги подмири своите фудбалери.

Ова не била најдобра варијанта на фудбалски план за легендарниот Холанѓанец, затоа што го барале и англиски и шпански клубови од елитните лиги.

ШТО ГО УБЕДИЛО ЈОХАН ДА ПРЕЈДЕ ВО ЛЕВАНТЕ И КАКО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЗЕМАЛ КРЕДИТ ОД БАНКА ЗА ДА ГО ДОВЕДЕ КРОЈФ?

На 16 декември 1980-та Јохан Кројф како играч се вратил во Барселона, но не во клубот чија е права икона, туку во градот - го поканиле на хуманитарен меч на светски ѕвезди против Барса, организиран од УНИЦЕФ.

Во тимот со Јохан играле уште и Румениге, Мишел Платини и други ѕвезди. Барселона победила 3-2 а наградата за играч на мечот ја добил токму Кројф. Веднаш после мечот скоро сите новинари го опседнале Јохан со една цел: да им појасни каде ќе игра во иднина.

Веќе 2 години тој настапувал во САД и тоа мошне успешно. Во првата сезона во Америка, во дресот на Лос Анџелес Ацтекс чиј тренер бил Ринус Михелс, Кројф бил избран за најдобар играч на сезоната во NASL (предвесник на модерната МСЛ), а во втората сезона холандскиот ас играл за Вашингтон Дипломатс.

По крајот на договорот во САД, се вратил во Европа и сакал да игра пак на својот роден континент. 

БОГАТИ ПОНУДИ ОД РАЗНИ КЛУБОВИ, А НАЈЗАГРЕАН ЕДЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВТОРОЛИГАШ

Јохан во тој момент имал 33 години но и на таа возраст имало долг ред од импресивни понуди за него: Лестер, Арсенал, Челси, Еспањол, Бетис, Севиља, па дури и шкотски Дамбартон.

На списокот претенденти за потписот на Кројф се појавил и Леванте, шпански второлигаш кој се борел за влез во елитната Примера. Во овој трансфер не верувал баш никој, освен претседателот на Леванте Франсиско Азнар.

Тој бил премногу загреан за идејата да го донесе легендарниот Кројф и со тоа да ги зголеми и приходите на клубот и бројот на нови сосиоси (навивачи кои се акционери во саканите клубови и имаат право на одлучување).

Франсиско Азнар сметал дека ако Кројф дојде во Леванте, бројот на сосиоси ќе скокне од 5.000 на 21.000.

Додека останатите клубови се ограничиле на деловни и дискретни преговори, ексцентричниот Франсиско Азнар решил да одлета во Амстердам каде се сретнал со Кројф лично и со неговиот агент Кор Костер.

Тие денови Кројф веќе преговарал со Лестер и според Костер Англичаните дури веќе се спогодиле со Јохан и за личните услови во договорот. Му нуделе и 5.000 фунти неделно.

Азнар не се предавал. Му понудил на Кројф договор на 4 месеци и за секој меч би му плаќал по 2 милиони пезети (околу 13.000 фунти). 

Некои извори тврделе дека Кројф во Леванте за 10 меча добил 18 милиони пезоси, а други тврделе дека официјално половина пријавувал, а втората половина ја добивал во коверти за да избегнат плаќање даноци.

Трансферот го помагала и компанијата Ressy која била главен спонзор на Леванте. На 1 јануари 1981 година потпишан е и договор меѓу спонзорот и клубот за заедничко учество во трансферот на легендарниот Јохан.

ДОЛГО НЕ МОЖЕЛ ДА ДЕБИТИРА ЗА КЛУБОТ ПОРАДИ ЗАБРАНА ОД ФЕДЕРАЦИЈАТА, А ИГРАЛ ВО ДРЕС БЕЗ ГРБ

Уште ретко кој верувал во трансфер на Кројф во Леванте. Тренерот на екипата Пачин мислел дека е шега, а така реагирале и другите играчи. Тренерот на Барселона Еленио Ерера дури и рекол: „Се кладам во моите гаќи дека Леванте нема да го потпише Кројф“.

Висенте Латоре, фудбалер на Леванте во тоа време, а сега претседател на здружението на ветерани Леванте, раскалжал дека играчите не сфаќале што се случува.

„Мислевме дека е зафрканција. А после се шокиравме. Просто замислете: јас бев обичен 19-годишен дечко кој за една година се проби во прв тим поради новото правило кое ги обврза клубовите во стартниот состав да имаат по 2 играчи од У-20 тимот. Во првата сезона ме ставаа од почеток и ме вадеа од игра после 10 минути. Во сезоната 1980/1981 веќе станав стандарден првотимец и тогаш требаше да играм со Кројф!“

По трансферот на Јохан во Леванте, шпанските новинари го прашале Холанѓанецот по што се разликува Кројф кој освоил три шампионски титули 1971, 1973 и 1974 со овој Кројф сега што стои пред нив:

„Сега сум попаметен“, им рекол асот.

Интересно, Кројф играл за Леванте но ниту еднаш во дрес со грбот на клубот. Нема ниту една фотографија на која Јохан Кројф носи дрес со грбот (логото) на Леванте. Тој и другите фудбалери играле во обична сино-бордо боја без амблем.

До ден-денес нема објаснување зошто се случило тоа, иако има верзија дека тогашниот претседател на клубот Франсиско Азнара со потписот на Кројф го ставил клубот во ужасна финансиска состојба и буквално немале пари за шиење на амблемот и грбот на дресовите. 

На првиот тренинг на Кројф на стадионот на Леванте немало „игла каде да падне“. На 1 февруари Јохан требал да го има официјалното деби против Сабадељ. Но тогаш се појавил проблем:

Шпанската фудбалска федерација под притисок на Здружението на шпански професионални фудбалери одбила да го регистрира ѕвездениот Холанѓанец, под аргумент дека Леванте имал долгови кон сегашните и поранешните играчи.

Долгот изнесувал 11 милиони пезети и тоа значело дека Франсиско Азнара морал итно да најде пари за Кројф да заигра што поскоро.

Во хаотично барање помош, Азнар се обратил дури и во Меѓународната трговска банка и за свои потреби си напишал еден чек кој после го пратил во писмо до Асоцијацијата на шпански фудбалери, но писмото не стигнало на права адреса зошто Азнара неразбирливо пишувал на ковертот.

После еден месец игра на нерви и контакти со Асоцијацијата, Азнар добил дозвола да го регистрира Кројф. Јохан во тоа време се вратил во Амстердам зошто не можел веќе да чека и продолжил преговори со Лестер.

На 27 февруари претседателот Азнара и соопштил на клупската икона на Ајакс и Барселона дека регистрацијата е решена и Јохан слетал во Валенсија. 

После само 2 дена, на 1 март Леванте дома ја победил Паленсија со 1:0 а мечот се паметел по дебито на Јохан Кројф за „жабите“. И покрај ѕвезденото деби, за некое чудо трибините не биле полни зошто многумина не знаеле дали ќе игра Кројф или не.

Леванте во тој момент бил втор на табела зад Рајо Ваљекано и бил сериозен кандидат за Примера. 

ЈОХАН ИМАЛ СВОИ ПОБАРУВАЊА И УСЛОВИ

Кројф веднаш бил привилегиран и неговите услови се разликувале од условите на другите играчи во екипата: не доаѓал редовно на тренинзи, не се залагал премногу на натпреварите, а на гостински средби не одел со клупскиот автобус туку со претседателот со авион.

Еднаш Кројф заедно со претседателот дошол на тренинг кој штотуку завршил. На тренерот не му се допаднало тоа и он бил многу незадоволен од таквиот однос на клубот.

Се случувало и Кројф самоиницијативно да замине од гостување со екипата. Кога Леванте еднаш играл кај Алавес, Кројф се сретнал со човек од управата на баскискиот клуб и барал пола приход од продадените влезници за мечот. Тој бил уверен дека стадионот ќе се наполни само поради негово играње и сакал да извлече за себе бонуси.

Сарага, менаџер на Алавес одбил и Кројф веднаш се вратил назад во Валенсија.

Новинарите забележале дека го нема, дознале за скандалот па клубот морал да го правда:

„Жена му на Јохан Кројф се разболе, па тој морале да се врати дома“.

После поразот од 1:0, тренерот Пачин добил отказ а на негово место стигнал Атерисо Рифе, поранешен соиграч на Кројф во Барселона кој не можел да се справи со ситуацијата како и неговиот претходник.

„Ова е мал клуб. Не требаше да го потпишува Кројф. Но неговото доаѓање ги инспирираше фудбалерите. Најлошо е сепак што ништо не добивме“, рекол Пачин после некое време разочаран од клубот. 

Јохан одиграл вкупно 10 меча за Леванте и дал 2 гола. И двата погодоци на меч против Овиедо (2:2). Леванте испаднал од трката за промоција во Примера и од 2. место паднал на 9-то.

По крајот на договорот Јохан се вратил во Ајакс а кариерата ја завршил во Феенорд Ротердам, лутиот ривал на Амстердамци.

На финансиски план Кројф во Леванте поминал многу добро, а клубот назадувал подоцна. Следната сезона поради огромни долгови и немање пари за плати, Леванте бил исфрлен во Сегунда Б, трета лига во шпанската фудбалска хиерархија.

Сепак во аналите на скромниот клуб од предградието на Валенсија засекогаш ќе стои запишано дека еден од најголемите играчи на сите времиња играл во Леванте.

Ако прашате кој било навивач на стадионот „Сиудад де Валенсија“, тој ќе ви раскаже убави спомени од времето кога Кројф играл за Леванте.

Во 2016-та година по смртта на великанот Јохан Кројф, претседателот на Леванте Кико Каталан рекол: „Кројф беше прав подарок за навивачите на Леванте. Секогаш ќе бидеме горди што тој го носеше нашиот дрес“.

1 март 2021 - 12:08