Што е горе-долу познато за Гибралтар?
1. Оваа прекуморска територија припаѓа на Велика Британија, но тој статус не го признава Шпанија која регуларно се обидува да си го врати Гибралтар под свое владеење.
2. Познатата Гибралтарска скала (Peñón de Gibraltar) е висока 426 метри и таа е главна атракција на земјата. Во древноста била позната како еден од столбовите на Херкулес
3. И трет факт, нам интересен и актуелен: еден фудбалски клуб од Гибралтар дебитираше во новата Лига на Конференции (трет еврокуп по ранг).
Територијата на Гибралтар се протега на 6,5 квадратни километри. Според проценките од 2021 година, на Гибралтар живеат 29.516 луѓе.
Ова е сторија за љубовта кон фудбалот на оваа земја и клубот кој направи чудесен успех со пласман во еден еврокуп.
ГИБРАЛТАР И ШПАНИЈА СЕ РАЗДВОЕНИ БУКВАЛНО ДВА ТОПОВСКИ УДАРИ, А ТЕРИТОРИЈАТА ЌЕ ОСТАНЕ БРИТАНСКА СЕ ДОДЕКА Е ЖИВ И ПОСЛЕДНИОТ МАГОТ (УНИКАТЕН ВИД МАЈМУН)
Шпанците се честа појава во гибралтарските фудбалски тимови. Не само поради блискоста меѓу Гибралтар и Шпанија туку и поради нивните вековни односи.
Во 1462 година, во период на Реконквиста, Шпанија го освоила Гибралтар од Маврите, но во 1704-та година англиската војска воспоставила контрола над територијата. Девет години подоцна со Договорот од Утрехт Гибралтар преоѓа под управа на Велика Британија.
Во следните стотици години Шпанија се обидува да го врати Гибралтар (некогаш и воено низ историјата, некогаш по мирен пат). Последен пат на референдум 1967-ма година кога Гибралтарците самостојно гласале за премин или останување под британска контрола.
Резултатите? 12.138 гласа за Велика Британија против 44 за припојување со Шпанија.
Шпанија одамна не презела никакви воени, тирански методи затоа што: 1. не сака нарушување и влошување на дипломатските односи со Британците поради Гибралтар 2. Поради тоа што и во внатре во својата земја има сепаратистички движења (Каталонија, Земјата на Баските) 3. Гибралтар.
Ставот на Шпанија е формално придржување до идејата за Гибралтар како централизирана држава.
Но низ годините имало и сериозни епизоди. Пример, Договорот од Утрехт не баш јасно ги поставил точните граници на Гибралтар поради што Велика Британија пробала „да цапне“ подалеку од копното.
Затоа договорот од Севиља во 1729 година точно ги регулирал прашањата, па Шпанија и Гибралтар буквално ги дели мала дистанца (територијата меѓу нив е признаена за неутрална).
На Гибралтар живее колонија маготи, единствени, уникатни мајмуни од таков вид во Европа. Има верување, мит, дека Гибралтр ќе биде британски се додека е жив и последниот ваков вид мајмун. Во 1942 година премиерот на Велика Британија Винстон Черчил потпишал указ за увоз на вакви мајмуни од Мароко и Алжир зошто во време на Втората Светска војна единките спаднале на само седум мајмуни.
ГИБРАЛТАР СТАНА НАЈМЛАД ЧЛЕН НА ФИФА ИАКО ЈА ИМА ЕДНА ОД НАЈСТАРИТЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ НА СВЕТ
Фудбалот на Гибралтар се појавил одамна, уште во XIX век кога британските војници во слободно време играле фудбал и се посветиле да организираат фудбалски сојуз на Гибралтар, како што веќе имало во нивната земја.
Тоа се случило во 1885 година. За споредба фудбалските федерации на Италија, Шпанија, Германија и Франција се основани многу подоцна: на почетокот на ХХ век.
Но за членство во УЕФА и ФИФА, Гибралтар морал да чека повеќе од 125 години. Првпат аплицирале за членство во 2006-та но морале да чекаат до 2013 (УЕФА) и 2016 (ФИФА).
Првиот обид за влез во европската и светска куќа на фудбалот им бил неславен зошто само три члена на УЕФА ги поддржале (Англија, Шкотска и Велс), а Шпанија објавила дека во случај на прием на Гибралтар, ќе ги бојкотира меѓународните натпреварувања.
Првите години по приемот во УЕФА и ФИФА имале пролеми со стадионот „Викторија“, единствен фудбалски стадион на Гибралтар. Не одговарал на критериумите, па до септември 2019-та додека не завршиле реконструкција, репрезентацијата играла на стадионот „Алгарве“, на југот од Португалија.
Во квалификациите за Евро 2016 и Светско 2018, Гибралтар не освои ниту еден бод, но затоа со враќањето на своја земја, на реновираниот стадион „Викторија“ и создавањето Лига Нации: ја победи Ерменија со ѕвездата Михтарјан на теренот, ги победи Лихтенштајн и Сан Марино (играше и нерешено со нив).
Интересно, репрезентацијата на Гибралтар ја води селекторот Хулио Рибас од Уругвај кој е познат таму по жесток карактер и мошне јаки мотивациони говори (некогаш дури и на полувреме кога губеле 0:5 он држел говор).
Гибралтар во Лига D во 2020/2021 заврши како прв во групата и се пласираше во Лига C каде можни ривали им се Словачка, Турција и Северна Ирска.
Во актуелните квалификации за Светско уште немаат ниеден бод, но јасно е дека се веќе далеку од статусот најлоша репрезентација во Европа.
МАКЕДОНИЈА НЕМА КЛУБ ВО ЕВРОКУПОВИ, ГИБРАЛТАР ИМА. КОЈ Е ТОЈ КЛУБ СО ИГРАЧИ АМАТЕРИ?
Линколн Ред Лимпс е локален фудбалски „хегемон“. Овој клуб ја освоил шампионската титула во 17 од последните 19 сезони (во 2019/2020 сезоната поради пандемија не се доиграла па останале без пехар).
Лигата на Гибралтар игра по кружен систем, најдобрите 6 екипи на табела играат еден против друг два меча и на крајот се добива шампион. Исто е во вториот дел од табелата каде се борат за опстанок.
Од сезоната 2011/2022 (почнува на средина од октомври ќе играат 11 клуба. Интересно и неверојатно е што сите клубови играат на еден ист стадион - „Викторија“.
Инаку таму паралелно постојана работа и играње фудбал не е мит туку стварност. Дури и во Линколн кој направи сензација и се пласираше во Лига Конференции (таму играат уште и Рома, Тотенхем, Базел, Рен, Славија Прага, АЗ Алкмар, Партизан, ПАОК, Феенорд и други) има играчи и тренери чија прва професија не е фудбалот, туку си „бркаат и други работи“.
Пример голманот Лоло Солер има бизнис во дигитален маркетинг, Рој Чиполина е цариник, брат му Џозеф е државен службеник во јавна администрција, Ли Касиаро е полицаец (најомилена професија меѓу репрезентативците на Гибралтар).
Токму Касиари е легенда на гибралтарскиот фудбал. Тој е најдобар стрелец во репрезентацијата (3 гола), а на свои 39 години уште игра за Линколн (во клубот е од 7 години). Постигнал гол и на најважниот меч во историјата на клубот.
Во 2016-та година верувале или не Линколн во квалификации за Лига на шампиони го победи Селтик 1:0. Аматерите фудбалери кои работат во полиција и други работи, го урнаа трофејниот шампион на Шкотска.
Селтик во реваншот славеше 3:0 и помина понатаму, но овој шамар од Линколн уште им го црвенее образот, а Гибралтарците ги измотивирал да тргнат кон повисока цел.
И стигнаа.
Во квалификациите за Лига на шампиони во прво коло одиграа 2:2 па победија 5:0 против Фола од Луксембург. Се пласираа во високото 2. коло квалификации за Лига на шампиони каде тесно изгубија од романски Клуж (1:2 и 0:2). Следеше 3. квалификациско коло во Лига Европа каде со 1:1 гордо му се исправија на Слован Братислава (пораз 1:3 на вториот меч) и на крајот во плејофот за Лига на нации успеаа да направат чудо и во двомечот (1:1, 3:1 два гола во судиско продолжение) да ја урнат Рига од Латвија за пласман во групна фаза.
„Моите два помлади браќа играа за Линколн. Клубот во буквална смисла е дел од моето семејство. Тука цениме дружба, пријателство, прави вредности за талентираните млади играчи. Децата го гледаат нашиот развој и сакаат да играат за Линколн. Клубот е горд што децата се вљубуваат во фудбалот. Јас на пример од дете ги чувам сите дресови кои сум ги добил на меѓународни натпревари. Сменив дрес дури и со Тони Крос. Тоа многу ги инспирира децата“, вели Ли Касиаро во интервју за интернет сајтот WFI.
Директорот на клубот Линколн, Кристијан Фортуна соопштил дека клубот заработил 3 милиони евра со пласманот во групна фаза на ЛК: „Ова е најголема заработка од постоењето на фудбалот на Гибралтар. Просто со пласманот во Лига Конференции ние заработивме повеќе отколку во цела клупска историја“.
Фортуна вели дека добиле честитки од сите клубови во земјата меѓу кои и од најголемите ривали Европа, Лајонс, Манчестер 62.
Групната фаза Линколн ја започна со пораз од солунски ПАОК (0:2). Со нив се уште и Копенхаген и Слован (каков парадокс, играа во квалификации за Лига Еврпа, се најдоа во група на ЛК). Но историјата е испишана. Од една се оди кон друга цел. Сонот им бил да добијат можност воопшто да играат квалификации. Па сонувале да дадат макар еден гол, па да освојат макар еден бод а на крајот се пласираа во групна фаза на едно големо европско натпреварување.