Според овие истражувања кои не одат во прилог на клубовите, добро познато е дека главната причина за празните седишта се скапите влезници кои се нудат за натпреварите од англиското првенство.
Клубот кој поминува со најголеми финансиски загуби годишно е Астон Вила со 7 милиони фунти, каде просечно билет за еден натпревар чини 35 фунти. Анализите покажуваат дека во просек на еден натпревар стадионот се полни 80,1 остсто и со тоа губи по над 8000 навивачи на еден меч.
Блиску до него е тимот на Сандерленд со годишна загуба од 6,5 милиони фунти каде со просечна влезница од 31 фунта, стадионот се полни едвај 82 проценти. И покрај далеку помалиот капацитет од 25 000 седишта, Виган во просек по натпревар останува со 6500 празни седишта, а тоа во буџетот им носи загуба од 4,2 милиони фунти.
Потоа следуваат Евертон со 3,1, Њукасл со 2,3, Саутемптон со 2 и ВБА со 1,8 милиони фунти годишна загуба. Во топ 10 листата на клубови со милионска загуба се уште и КПР, Вест Хем и Манчестер Сити. Актуелниот шампион на Англија кој има стадион со капацитет од 48 000 седишта, просечно останува со по 1000 празни седишта, а тоа им носи загуба од милион евра годишно.
Најлесно поминува претставникот од Велс, екипата на Свонси која по натпревар губи околу 5000 фунти или 100 000 фунти годишно, благодарение на присуството на нивните фанови кои го полнат стадионот со 99 проценти.
Овие погубни бројки кои им носат дупки во буџетите на англиските клубови, се уште еден доказ за политиката на островот кон навивачите, кои често го креваат својот глас против скапите влезници. Неодамна се појави статистика и за цените на гостувањата кои дебело удираат по џебовите на најверните фанови.