Хорхе Сампаоли, тренер на Севиља

Правиот наследник на Биелса кој викал по играчите качен на дрво

Со 106 победи Емери е најуспешниот тренер во историјата на овој клуб и со 205 меча на клупата на Севиља се наоѓа зад рекордерот Капарош. Таков товар наследи необичниот Хорхе Сампаоли кој игра тотално офанзивен фудбал.

Еден декемвриски ден во 2010. година во хотелот ИнтерКонтинентал во Сантијаго, Чиле, имало многу раководни луѓе, тренери и сорабнотици на клубот Универзидад де Чиле.

За кратко пред хотелот се појавил колпортер на дневниот весник „Mercurio“ кој постојано викал: „Чоло Симеоне е во градот и ќе потпише со У“! Диего Симеоне го видел фотографот од друг лист во хотелот но само се насмеал, не кажал ништо и го одминал. Универзидад де Чиле бил без тренер откако Херардо Пелусо заминал (или го избркале).

Се зборувало дека Леонардо Родригез, заборавен поранешен играч на Аталанта од ’90-те преговарал со Сабино Агуад, некогашниот мозок од тренер на Универзидад. Ситуацијата не била едноставна, затоа што Агуад сфатил дека управата преговара и со Чоло Симеоне.

НАМЕСТО ИЗБРАНИОТ СИМЕОНЕ, КЛУБОТ ГО ПРЕЗЕЛ НЕГОВИОТ СОНАРОДНИК

Чудно што Диего Чоло Симеоне кој веќе почнал да гради респектабилна кариера дошол дури до Чиле за да слушне „не сме заинтересирани“. Преговорите со него не оделе како што треба по не баш добрата претходна сезона.

Симеоне година претходно го напуштил Сан Лоренцо, тим кој не успеал да го живне. Заминал од Боедо, предградието на родниот Буенос Аирес и тоа после поразот од неговиот омилен клуб од детството, Расинг.

Токму во Расинг Чоло ја заврши кариерата како играч во 2006. година и тргна по тренерскиот пат кој знаеме до каде го донесе. По бурните авантури во Ривер и Сан Лоренцо, Чоло реши да замине во Европа (ја водеше Катанија) и одби да остане во Јужна Америка.

Меѓу бројните кандидати тогаш се појавил Хорхе Сампаоли, Аргентинецот кој само што го напуштил еквадорскиот Емелек, клуб од најголемиот град во Еквадор, Гвајакил.

Сампаоли не бил многу познат во Јужна Америка и има неколку анегдоти поврзани со него: се зборува дека е необичен лик чиишто екипи не знаат што е одбрана туку јуришаат во тотална офанзива. Како играч бил просечен и после повредата на потколеницата, ја завршил играчката кариера и ја започнал тренерската.

Како тренер почнал во неговиот роден Санта Фе во Аргентина. Првото искуство го имал во клубот Чиклајо, каде на еден меч го исклучиле поради протести кон судијата. Не само што излегол од теренот, туку го напуштил и малиот стадион, се качил на едно дрво и од таму урлал по своите играчи.

Овој настан го фатил некој фотограф, а следниот ден статијата во весник ја прочитал Едуардо Хозе Лопез, претседателот на големиот Њуелс, последниот тим од играчката кариера на Марсело Биелса. Лопез го исконтактирал Сампаоли и му понудил тренерско место во друг помал клуб.
 

Во пониските лиги на Аргентина, Сампаоли ја усовршил тактиката 3-3-1-3 со висок пресинг, слично на неговиот ментор Биелса кој беше и селектор на Чиле.

По авантурите низ Перу каде првпат станал професионален тренер на клубот Хуан Аурих, Сампаоли со поголем или помал успех ги водел и Коронел Болоњези, Спортинг Кристал и О’Хигинс.

Неговата стручност испливала на површина во 2011. година кога како тренер на Универзидад де Чил ја освојува Копа Судамерикана и тоа со победи над Фламенго на Роналдињо, Национал и Васко на Жунињо Пернамбукано. Во финалето на ова ценето натпреварување У играл против Лига де Кито предводен од Патон Бауза, актуелниот аргентински селектор.

Универзидад со вкупен резултат 4-0 (се играат два меча во финалето) го совладал Кито, а Сампаоли во таа генерација имал играчи како Едуардо Варгас (прв стрелец во Копа Судамерикана), Марсело Дијаз, Анхело Енрикез, Николас Матурана.

Просекот на голови по натпревар на Универзидад под водство на Сампаоли беше 2,7 и со офанзивна игра стана третиот чиленски клуб кој освоил некое од двете големи Јужноамерикански натпреварувања.

Хорхе Сампаоли беше прогласен за тренер на годината во Јужна Америка и тоа беше причина на 3. декември 2012. година Чилеанската фудбалска федерација да објави дека нивен нов селектор е токму лудиот ќелавко.

Сампаоли во Чиле ја наследува филозофијата на неговиот претходник, Марсело Биелса кој играл висок и напорен пресинг на секој меч. Чиле успешно се пласираше на Мундијалот во Бразил 2014-та каде беше една од селекциите кои играат најубав фудбал, а во 2015-та година под водство на Сампаоли Чилеанците на домашен терен ја освоија Копа Америка.

На 30-ти ноември истата година, Сампаоли беше на листата од тројца кандидати за тренер на годината според ФИФА заедно со Гвардиола и Луис Енрике. Сите овие успеси беа доволна причина на дисплејот на мобилниот на Сампаоли да се појави името Мончи, неверојатниот спортски директор на Севиља кој го побарал Аргентинецот да стане тренер на овој клуб.

На 27. јуни 2016 година Андалузијците објавија дека Сампаоли потпишал 2-годишен договор со клубот. Веќе во првото коло ќелавкото покажа што може навивачите да очекуваат од него. Севиља го победи Еспањол 6-4. Среќа што во близина на „Санчез Писхуан“ нема повисоко дрво од стадионот од кое Сампаоли ќе може да урла при евентуално исклучување.