Во еден од плејоф дуелите синоќа, Исланд ја победи Романија со 2-1 и со тоа и дефинитивно се отворија картите на маса околу противниците на Македонија при евентуален пласман на Европско, а во кој јавноста после синоќешниот триумф над Косоварите, е уште поуверена.
Како круна на повеќегодишната сплотеност, добра игра и фантастичен амбиент во репрезентацијата, Македонија дојде во прилика 90 минути да ја делат од историски успех.
Во случај на 12 ноември во Тбилиси, Пандев и другарите да победат, на Евро 2021 би играле во група Ц. Таму би излегле на мегдан со Холандија, Австрија и Чешка. Група како препорачана, со оглед на тоа што малку фалеше да бидеме евентуално во група со некои од гигантите.
Би отвориле против Австрија на 13 јуни 2021 година на преубавата „Arena Națională“ во Букурешт. Во 2. коло на 17 јуни Барди, Елмас, Пандев, Велковски и останатите би вкрстиле копја со Украина на Шевченко исто во Букурешт, а во последното 3 коло на 21 јуни како шлаг на тортата би играле против Холандија и тоа на „Јохан Кројф Арената“ во Амстердам (стадионот на Ајакс).
Сплотениот дух кој владее во репрезентацијата ни дава за право одважно да веруваме дека Македонија знае, може и умее да заигра на едно Европско првенство. Притоа, уште поубаво би било доколку глобалната пандемија до тогаш се стиши во целост, па Европското да се игра со максимален број на гледачи и „црвено-жолтите“ да ја имаат потребната поддршка од трибините во Букурешт и Амстердам.
Но, по онаа народната, прво Грузија, па кажи оп.