Вечерашното дерби Дортмунд - Баерн ќе биде 126. во историјата и крајниот исход и тоа како би можел да влијае врз шампионот во Бундеслига.
Ако прашате некој Германец, упатен во материјата, би ви кажал дека повеќе за дерби важат дуелите Дортмунд - Шалке, Менхенгладбах - Келн, Баерн Минхен - Нирнберг итн., но ако се земе предвид фактот дека Борусија Дортмунд и Баерн Минхен освоија дури 21 од последните 25 шампионски титули во Германија тогаш се е јасно.
ОД КОГА ДАТИРА ОВА РИВАЛСТВО?
Правата дерби-тензија меѓу Дортмунд и Баерн Минхен започна во средината на '90-те години кога Дортмунд почна сериозно да му им се меша на Баварците во борбата за тронот. Генерацијата на Дортмунд од 1994 и 1995 важи за една од најуспешните во клупската историја. Тие освоија две титули во Бундес а потоа во 97-ма го срушија и големиот Јувентус во финале на Лига на шампиони и тоа среде „Олимпискиот стадион“ во Минхен.
Еден од првите големи инциденти меѓу играчите на овие два клуба е познатиот скандал кога капитенот и легенда на Баерн Лотар Матеус го нарече Андре Милер „плачи****а“ а овој му залепи шлаканица.
Од тогаш наваму тензијата растеше а најголем виновник за нередите често беше несмасниот Оливер Кан кој еднаш со две нозе високо кренат му влезе на Стефан Шапуиза а после и проба во стилот на Тајсон да му одгризе дел од увото на Хенко Херлих.
Пред 19 години на едно дерби паднаа 10 жолти и дури 3 црвени картони и тоа е рекорд во Бундеслига ден-денес.
НЕ Е БАШ ДЕРБИ КАКО ШАЛКЕ - ДОРТМУНД, АМА СЕ ИГРА ПОДОБАР ФУДБАЛ
И покрај големиот ривалитет, слободно и комотно може да се каже дека навивачите на Борусија повеќе омраза чувствуаат кон оние од Гелзенкирхен, отколку кон навивачите од Минхен.
Баерн отсекогаш важел за далеку пореномиран клуб со богати спонзори кој речиси никогаш не западнал во криза. За разлика од нив, Дортмунд во 2003-та и 2004-та година поминуваше низ страшна криза и буквално беше пред стечај и гаснење.
Но тогаш управата и главните луѓе во Баерн Минхен решија да ја помогнат Борусија и позајмија неколку милиони евра со кои пожарот на „Вестфален“ се гаснеше.
Од друга страна, Баерн веќе е познат по светот како клуб кој нема проблем да краде играчи од Дортмунд користејќи ја финансиската моќ па така уште од времето на релација Дортмунд - Минхен одеа Ројс, Хумелс, Левандовски и многу други.
Статистички, Баерн и Дортмунд досега се судриле 125 пати. Баварците имаат 59 триумфи, Дортмунд 33 а замислете, исто 33 пати било нерешено.
Гигантот од Минхен дал 250 гола, Борусија 150. Највисока победа на еден од ривалите е забележана во 1971 година кога Баерн го прегазил Дортмунд со 11:1. Четири години подоцна Борусија вратила со 4:0.
Односот во трофеи во сите натпреварувања е 72:21 на страна на Баерн. Човек со најмногу одиграни средби е Михаел Зорц - 28 дербија, а стрелец број еден е Левандовски кој играше и за двата клуба и дал 22 гола на овие натпревари!
КОЈ Е ФАВОРИТ?
Тимот предводен од Хенси Флик игра сјајна сезона уште пред паузата поради глобалната пандемија. Постигнат е нов клупски рекорд на постигнати голови во Бундеслига и тоа на неколку кола пред крајот.
Баерн Минхен не ја осетил горчината на поразот во Бундес уште од 7 декември лани. Во моментов имаат 6 триумфи по ред и први се на табела со 4 бода повеќе од Дортмунд.
Борусија, предводена од најдоброто младо напаѓачко трио во лигата Халанд-Санчо-Азар би можела со победа да се приближи на само 1 бод разлика од Баерн.
„Искрено мислам дека овој меч нам да ја одлкучи титулата“ рече Ханси Флик, тренерот на Баерн.
Дортмунд нема пораз уште од февруари, но на Баерн му е комотно на „Сигнал Идуна Парк“ зошто има три победи на последните четири средби уште од 2016-та.
На последните нивни пет меѓусебни битки видени се дури 24 гола!
До крајот Борусија игра со: Пардербон на гости, со Херта дома, со Фортуна Дизелрдоф на гости, со Мајнц дома, со Лајпциг на гости и со Хофенхајм дома.
Од друга страна распоредот на Баерн Минхен по гостувањето во Дортмунд е: Фортуна Дизелдорф дома, Баер Леверкузен на гости, Борусија Менхенгладбах дома, Вердер Бремен на гости, Фрајбург дома и Волфсбург на гости.