Во ноември минатата година го допревме дното, а сега повторно го повторивме најслабиот пласман на ФИФА ранг листата во последните 15 години. Со 331 поен, Македонија ја дели 103-та позиција со Бахреин.
Пред нас со пет поени повеќе е Северна Ирска, а зад нас со 329 поени е Судан.
На јулското рангирање на ФИФА листата пред нас се најдоа и „велесилите" од рангот на Зимбабве, Того, Катар, Грузија, Оман, Малави, Кувајт... а зад нас ги оставивме Антигва и Барбуда, Мозамбик, Азербејџан, Гвајана...
Сите конкуренти од квалификациската група А за Светското првенство 2014-та година имаат далеку подобар пласман од нашата репрезентација. Најдобар рејтинг има Хрватска на деветото место, следува Србија на 37-та, Велс на 38-та, Шкотска на 49-та, а Белгија е на 53-та позиција.
На врвот на листата останува Шпанија, а сега на второто место се искачи Германија. Зад нив се Уругвај, Англија, Португалија, Италија, Аргентина, Холандија, Хрватска и Данска, а Бразил се најде на 11-та позиција што претставува нивни најслаб пласман во историјата.