Пораз на Македонија во Копер

Македонската фудбалска репрезентација ја прекина традицијата од три победи на досегашните три пријателски средби со Словенија откако вечерва беше совладана со минимални 1:0. Со Пандев подобро играме.

Селекцијата на Словенија резултатски ја оправда фаворитската улога против нашиот национален тим кој се соочи со првиот пораз на четвртото соочување со Словенија. Враќањето на Горан Пандев во репрезентацијата донесе освежување во нападот каде Ангеловски се реши за тандем со Трајковски и поддршка од офанзивните крила Тричковски и Ибраими.
 
Македонија одигра солидно прво полувреме и покажа желба за да докаже дека моменталната позиција која ја има на рангот на ФИФА не е одраз на нивниот квалитетот, но стариот проблем наречен реализација го имавме и вечерва.
 
Горан Пандев прв се закани по голот на Јан Облак, но биеше над голот, а потоа ударот на Агим Ибраими од 20 метри не беше доволно опасен. Следуваа две полуконтри преку Пандев кој на два пати по лево го пронајде Тричковски, но акциите немаа завршница. 
 
Првата најзрела шанса на натпреварот се случи во 18 минута откако една одбиена топка случајно дојде до Роман Безјак кој не успеа да излезе победник очи во очи со Столе Димитриевски.
 
 
Пандев продолжи да ги разигрува соиграчите и да дели корисни длабочински топки во шеснаесетникот, а овој пат го пронајде Жута кој беше соборен во шеснаесетникот, но судијата не покажа на белата точка.
 
На почетокот од вториот дел македонскиот селектор им даде шанса на Несторовски и Алими, а од игра ги извади Пандев и Тричковски. Тоа веднаш се почувствува во нашата игра. Потоа до крајот на мечот направи уште четири измени. 
 
Во 58 минута Македонија потфрли во одбраната, а тоа го искористи Безјак кој го реши мечот. Во вторите 45 минути нашите фудбалери беа помалку опасни по гол и не успеаа да создадат зрели шанси, а не беа на висина на задачата и во средниот ред.
 
Во последните мигови од средбата, Кире Ристевски спаси чист гол и ја извади топката од самата гол линија.
 
Следниот пријателски дуел против Бугарија се игра на 29 март во Скопје.