
Ждрепка за квалификациските групи пројде уште во октомври лани во Франкфурт. Во групите ја нема Германија која што е домаќин на Европското и автоматски обезбеди пласман.
КОЈ И КАКО ЌЕ СЕ КВАЛИФИКУВА НА ЕВРО 2024?
Како и на двете минати Европски првенства, така и на ова ќе има 24 селекции. Првата пласирана веќе се знае - Германија која е домаќин на турнирот. 20 репрезентациии ќе дојдат од групите (одат директно двете најдобри од 10 групи), а 3 селекции ќе обезбедат пласман преку баражите.
КАКО ЌЕ СЕ ОРГАНИЗИРААТ БАРАЖИТЕ?
Во нив ќе има 12 репрезентации од оние кои не отишле директно на Европско. Овие селекции ќе бидат поделени во три таканаречени пата од по четири репрезентации. Во секој пат ќе има полуфинале и финале, а победниците на трите финалиња ќе одат на Европско.
Такви баражи/плејофи со полуфинале и финале веќе видовме за минатото Европско и за Светско 2022, кога Македонија првпат во својата историја обезбеди пласман на едно големо натпреварување.
Тие 12 селекции ќе дојдат од Лига Нации. Во Лига А, Б и Ц има по четири групи, а во баражите ќе одат победниците на тие групи. Доколку некоја репрезентација веќе обезбеди пласман на Европско преку традиционалните класични квалификации, тогаш наместо неа во баражот ќе се најде следната најдобро пласирана селекција која била од таа Лига во Лига Нации. Доколку во една група нема доволно репрезентации, тогаш ќе се гледа Лига подолу.
КОЛКУ КОЛА ЌЕ ИМААТ ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОПСКО?
Во групите од А до Г има по пет репрезентации кои ќе играат осум кола. Во групите од Х до Ј има по шест селекции и таму ќе има десет кола.
Во 2023-та година ќе има пет квалификациски прозори: 23-28 март, 16-20 јуни, 7-12 септември, 12-17 октомври и 16-21 ноември.
Што се однесува до баражите, оние преку Лига Нации, тие се планирани за пролет 2024-та односно полуфинални средби на 21 март а финални на 26 март.
ШТО ДА СЕ ГЛЕДА ДЕНОВИВЕ?
Мартовските натпревари ќе покријат две кола. Почнуваат денес (четврток) на 23-ти март. Први отвораат Казахстан и Словенија попладнево од 16:00.
Македонската фудбалска репрезентација го отвора циклусот во мошне силната група Ц со Англија, Италија, Малта и Украина. Избраниците на селекторот Милевски ќе стартуваат со Малта вечерва во Скопје од 20:45.
Најинтересни средби за гледање:
23 март, 20:45: ИТАЛИЈА - АНГЛИЈА
24 март, 20:45: ФРАНЦИЈА - ХОЛАНДИЈА, ШВЕДСКА - БЕЛГИЈА
25 март, 20:45: ШПАНИЈА - НОРВЕШКА
26 март, 18:00: АНГЛИЈА - УКРАИНА
27 март, 20:45: ИРСКА - ФРАНЦИЈА
28 март, 20:45: ШКОТСКА - ШПАНИЈА, ТУРЦИЈА - ХРВАТСКА