Марино – Никиштане
Првиот бурлески случај е во третата лига, односно Регион 1, каде Марино го пречекала Прпарими од Никиштане. Натпреварот бил закажан за 14:30 часот, но средбата доцнела 40 минути, бидејќи гостите ги заборавиле легитимациите потврдите за направени лекарски прегледи.
При резултат 2:1 за домаќините, судијата го прекинал мечот поради најјаката причина некогаш слушната во историјата на фудбалот: Им се стемнило.
Од записникот на делегатот:
„Поради тоа што гостинската екипа не приложи пред почеток на натпреварот легитимации и лекарски прегледи, натпреварот започна со доцнење од 40 минути. Во 77. минута поради лоши услови за игра (стемнување) беше отсвирен крај на натпреварот“.

Шишево – Олимпик
Ако во Марино им се стемнило, во Шишево имаме уште поапсурден чин.
Се работи за четврта лига меѓу Шишево и Олимпик кои инаку го делат теренот на поранешна Треска.
При резултат 0:2 некој од играчите во 43-та минута ја рогнал топката за да ја растичсти опасноста пред гол, но преку ограда.
Побарале друга со цел мечот да продолжи, но домаќинот не ја обезбедил со образложение дека била издишана па фатиле да ја пумпаат.
Еден од домашните играчи се изнервивал и го напуштал теренот, а по него отишле и соиграчите.

Од записникот на делегатот
„При резултат од 0:2 играч од одбраната ја исфрла топката преку оградата на теренот за игра, по што е побарана друга топка за да се продолжи натпреварот. Домаќинот не ја обезбедува истата со изговор дека ја пумпаат, во тој момент еден играч на домаќините видно изнервиран го напушта теренот за игра поради немање на топка, а по него излегуваат и другите домашни играчи. По чекање од 15 минути натпреварот беше прекинат бидејќи истите не се вратија на теренот. Натпреварот беше завршен во 43. минута“.