Службата „Транспорт на Лондон“ (TfL) одбива да соопшти колку вкупно луѓе се погодени од нелегалното наплаќање казни, но се верува дека бројката надминува 66.000. Пресудата на Крунскиот суд отвора можност секој од нив да бара од градот да му ги врати парите. Можни се и тужби од возачи на кои поради прекршокот им биле одземени возачките дозволи, па и од некои што биле отпуштени од работа.
Во октомври 2023 година, претставници на TfL искористиле сообраќаен налог за привремено намалување на максимално дозволената брзина од 70 на 40 милји на час на делница од автопатот A20 помеѓу Сидкап и Свонли, откако по обилни дождови многу автомобили излетале од патот.
Возачите не биле соодветно известени за промената на ограничувањето. Била поставена камера за мерење на просечна брзина и само во првите шест недели над 60.000 возачи биле казнети за брзо возење. Повеќето возачи ја прифатиле паричната казна од 100 фунти и трите казнени поени на нивните дозволи.
Но, некои ги оспорија казните на суд, каде што раководители од TfL и офицери од Метрополитен полицијата сведочеле под заклетва дека ограничувањето на брзината е законски променето. Суд во Бромли лани ја одбил тужбата на возачот Џон Данлоп, кој платил казна од 150 фунти, уште 650 фунти за правни трошоци и уште 60 фунти како „надомест за жртвите“.

Но Крунскиот суд неодамна донесе пресуда во корист на друг тужител, врз основа на доверлив документ од TfL кој потврдува дека наредбата за ограничување на брзината била потпишана од неовластено лице.
Пресудата нема автоматски да овозможи поништување на сите казни, бидејќи одлуките на судот не создаваат правен преседан. Сепак, се очекуваат тужби од уште илјадници казнети возачи.
Прашањето било отворено и во градското собрание, кое од градоначалникот Садик Кан побарало да спроведе независна истрага. Тој одбил, иако се чини дека знаел за нелегалноста на постапката. Опозицијата сега бара истрага за свесно попречување на правдата.
Градоначалникот и порано беше обвинуван дека спроведува агенда насочена против возачите. Пред две години ѝ поставил цел на Метрополитен полицијата годишно да наплаќа најмалку 1 милион казни за брзо возење. Кан ја воведе и шемата „Зона со ултра ниска емисија на штетни гасови“, со која на возачите на постари автомобили им наметна такса од 12,50 фунти дневно за возење по автопатот М25.