Почина скаутот на Интер кој го улови Горан Пандев

Работеше 18 години за Нероаѕурите и беше познат како инспиратор и ресурс за италијанскиот фудбал. Немаше утка тоа што ќе го види неговото око, а тоа се гледа и по имињата кои ги откри. Казираги ги меркаше децата и на најутепаните терени.

Славниот Скаут на Интер Пјерлуиџи Казираги почина синоќа и тоа токму на денот кога Интер го освои Вијареџо Купот на кој во финалето ја совлада Фиорентина со 2:1. Натпреварување на кое се црпат младите таленти и кое беше отскочна даска за Пандев од каде ги направи првите фудбалски чекори на чизмата.
 
Со помош на работата на Казираги кој работеше за Интер од 2000-та година, младинците на италијанскиот прволигаш освоија 4 Скудета, 2 Купа на Италија и 4 Вијареџо Купови, сето ова во новиот милениум.
„Беше исклучително голем професионалец во служба на Интер кој сакаме да го паметиме како пријател, лојален колега и една од најимпресивните ресурси кој ги имал италијанскиот фудбал. Неговиот придонес во откривањето таленти беше клучен низ годините и ни овозможи да имаме големи успеси со нашите деца. За помладите колеги беше вистинска инспирација, пример и неисцрпен извор на љубов кон фудбалот“, стои во соопштението на Интер.
„Талентите треба да се бараат во изгубените места“, изјави Казираги кога ги раскажуваше анегдотите со Пандев и Бијабијани.
Во Интер не случајно го викаа инспиратор. Неговата љубов кон фудбалот го однесе на приградски терени низ цел свет и на разни турнири и младински натпревари.
 
„Турнирите треба да се следат од раните фази, бидејќи во спротивно може да го пропуштите најсилниот играч од тимот кој бил елиминиран на почеток. Бев на турнир на кој играа Данска, Словенија, Унгарија и Македонија на едно затуцано место. Македонија испадна, но јас го донесов Пандев кој потоа стана еден од хероите на тројната круна“.
„Бијабијани го открив на една пријателска на никаков терен и го потпишав во кола. Мора да ги собереш плодовите од дрвото пред да се појават во супермаркет“, велеше Казираги.
Овој израз го користеше кога зборуваше за тешкотиите кога треба да земе млад играч зависен од клуб, агент и семејство.
„Не секој играч може потоа да стане силен и зрел во професионалниот фудбал. Вистинската вредност му ја гледате кога ќе почне да се натпреварува во прв тим“.
Во неговата долга кариера тој имаше можност да ги увиди промените на младите во односот кон фудбалот.
„Во изминативе години видов млади играчи со голема желба за пожртвуваност, додека во денешно време ми се некако послаби физички и карактерно“.
Уште во 2011-та Казираги го објаснуваше “повторното рагање“ на Германија која после успесите со младинските селекции, стана светски првак во 2014-та.
„Тие успеаа да ја интегрираат дисциплината по која се познати со карактеристиките на имигрантите. Поставија меурчиња и ги победија сите“.
Од останатите големи таленти кои се неговото откритие за издвојување се Балотели, Кутињо и Мартинс. Казираги притискал во Интер и за Погба кога имал 14 и Лукаку кој го забележал на 15 години.
 
Кој знае дали бате Ване ќе го продадеше Гочето во Италија, ако не се појавело ова око соколово.
29 март 2018 - 13:04