Откриена е најголемата корупциска афера во историјата на фудбалот. Истрагата докажала дека поранешниот претседател на ФИФА, Жоао Авеланж и неговиот зет и поранешен претседател на бразилската фудбалска федерација, Рикардо Тешеира примале мито од маркетинг агенцијата ISL.
Авеланж примил најмалку 1,5 милиони, а Тешеира 12,74 милиони швајцарски франци во замена за комерцијалните права за Светско првенство. Тужбата кон нив била повлечена откако Авеланж, Тешеира и ФИФА исплатиле компензација во износ од 5,5 милиони франци, при што е договорено идентитетот на обвинетите да остане во тајност.
Меѓутоа во средата, швајцарскиот врховен суд донесе одлука дека документите мора да и бидат достапни на јавноста, а неколку часа подоцна тие беа објавени и од ФИФА.
Но што овие документи ќе значат за сегашното раководство на ФИФА и првиот човек Сеп Блатер?
Сегашниот претседател, Сеп Блатер работи во ФИФА уште од 1975-та година, а во периодот на владеењето на Авеланж тој беше генерален секретар. Тој знаел за корупцискиот скандал и не само што не превземал ништо, тој за сето ова време се обидува да го сокрие и освојува уште три нови мандати.
Што е ISL?
Маркетинг агенцијата International Sport and Leisure – ISL е оформена во седумдесетите години како елитен клуб на богати и влијателни луѓе кои со спонзорски пари го контролираат меѓународниот спорт.
Нивни луѓе биле Жоао Авеланж, Сеп Блатер, претседателот на Меѓународниот олимписки комитер Хуан Антонио Самаранч, претседателот на Меѓународната атлетска федерација Примо Небиоло и многу други.
Агенцијата на своите луѓе им нудела поддршка и лобирање, за потоа да им братат со богати договори за нивните компании специјализирани за продажба на маргетиншки и ТВ права.