Кваљарела важи за олд-скул на италијанскиот фудбалски стил и мешавина на сила и техника на шут.
Фабио дебитирал во Торино во 2000-та, но во следните пет години не се појавувал во Серија А: слаб по конституција и многу брз напаѓач кој не се прилагодил на лигата во која доминираа Шевченко, Дел Пјеро, Адриано.
Нетипичните карактеристики и стилот на игра на Кваљарела не му одговараа на секој тренер. Фабио има сè што му треба на еден финишер но често делува од позадина, надвор од шеснаесетникот а во минатото повеќе голови постигна токму надвор од казнениот простор.
Тренерите не знаеле што да прават со него зошто Фабио не се вклопувал во класичниот напаѓачки концепт „мал и голем шпиц“: тој имал квалитети на „голем шпиц“ и манири на игра на „мал шпиц“. Кога Касано и Џилардино ја покоруваа Италија, Кваљарела се моташе по второкласни позајмици. Од играч кој на девет години го нарекле Белиот Пеле, завршил во скромниот Асколи.
Кај еден од подобрите тренери сезонава во Италија, Марко Џампаоло, Кваљарела добил слободна улога и одврзани раце да го игра својот стил. Не е стриктно врзан позиционо во почетната фаза од нападот, често се извлекува и на крило, и нема задачи како столбот во нападот кој мора да ја задржи топката, високиот Запата.
Така Џампаоло добил максимална ефективност од напаѓачот чии 35-годишни нозе веќе не се способни за голови од 40 метри.
Фабио во моментов ја игра најдобрата сезона во кариерата, но ретко кој знае дека целата негова кариера е борба со животот а не со тактиката. Чувствителниот Фабио ретко размислувал само за фудбал. И не секогаш по своја вина.
Во февруари 2001. Николо Гали, најталентираниот дефанзивец од генерацијата ’83 во Италија на моторцикл се враќал од тренингот на Болоња. Мостот преку кој се враќал требал да се реновира, и Гали несреќно загинал при удар со моторот.
Фабио го познавал него уште на 10 години: се дружеле во академијата на Торино и заедно играле за јуниорската репрезентација. После трагедијата Кваљарела секаде го носи бројот 27 под кој играл Гали. По несреќата на неговиот другар, Фабио цела година речиси да немал клуб, не играл фудбал а потоа почнал од самото дно - серија C2 (најниската лига во хиерархијата).
Во 2006-та Кваљарела стигна во Сампдорија каде им зема место во стартна постава на Бонацоли, Бацани и Флаки. Тренерот Валтер Новелино тогаш сфатил дека на Фабио му треба слобода и му ја дал, а овој му врати со 14 гола. Во август 2007-ма малку фалело да отиде во Манчестер. Сер Алекс Фергусон сериозно размислувал за тандем Руни - Кваљарела но времето поминувале и Уднезе и Сампдорија се договориле за правата на играчот (на двата клуба им припаднало по 50%). Јунајтед го зема Тевез.
Тоа не му сметало на Фабио а Италија веќе знаела колку е добар. Кваљарела растураше во Удинезе со Ди Натале и Алексис Санчез, играше во европкуповите и претендираше за главна хаубица на Европа/
Во 2009-та Де Лаурентис за него дал рекордна сума на пари во клупската историја а Фабио кој растел на 30 километри од Неапол, не можел да го одбие клубот.
ВТОРИОТ СЕРИОЗЕН УДАР ВО ЖИВОТОТ
За таа историја пишувавме тука. Кваљарела го прогонувал полициски службеник од Кастеламаре (мало место на море близу Везув, на половина час од Неапол) - Рафаеле Пиколо. Тој пола година уценувал и прогонувал судии, бизнисмени па дури и политичари.
Пиколо ги прислушкувал нивните телефони и ги отворал нивните електронски пошти. Се заканувал дека ќе објави документи за педофилија и врски со Камора. Целиот град молчел а молчел и Фабио. Сите луѓе се плашеле од една работа : од срамот, иако немало докази за ништо.
Му праќале заканувачки писма на домашна адреса. Никој не знаел кој ги пишува тие писма - биле анонимни. И никој официјално не се обратил во полиција: а и кој сака да носи обвинение за мафијата?
Затоа „тука бил“ доушникот и соработник Пиколо. Жртвите на уцени можеле да му се доверат.
Пиколо ги уценувал жртвите преку анонимни телефони а подоцна им ветувал дека ќе ги најде уценувачите и ги убедувал дека само тој може да им помогне со рекетарите. Жртвите не само што му заблагодарувале за „привилегираната помош“ туку и добивал се што ќе посакал. Туристички агенции му плаќале одмор на Капри, се хранел бесплатно во ресторани, бизнисмени му подарувале мобилни телефони.
Во овој кошмар западнал и Кваљарела а мората траела цели пет години. Го обвинувале за педофилија, наркотрговија, дружба со мафијата, фалсификување документи после што Кваљарела отишол кај Пиколо да побара помош.
Го донел на Сан Паоло, го запознал со фудбалерите и со управата а после некој ден родителите на Кваљарела добиле анонимно писмо со слика од ковчег и натпис: „Син ти е во градот, ќе му ги скршиме нозете а после ќе го убиеме“. И така почнало се...
Фабио Кваљарела уште од мал мечтаел да го носи дресот на Наполи. Во сезоната 2009/2010 постигна 11 гола и ќе дадеше два пати повеќе да не беше падот во формата поради приватните проблеми. Де Лаурентис немал разбирање за Кваљарела, престанал да му се јавува на мобилниот а подоцна го продаде во Јувентус.
Кваљарела во тој момент стана предавник за Неапол. Неговото родно место целосно се свртело кон него: мајка му ја нарекувале курва кога одела во град.
Дури и во Торино му било помирно иако растел во најголемиот ривал на Јуве. Првата сезона во Јувентус требаше да му биде најдобра во кариерата. До декември даде 9 гола а потоа престана да игра на нивото.
Пред почетокот на новата сезона, Јувентус се соочи со обвинувања за наместени натпревари а адвокатот на капитенот на Наполи Паоло Канаваро рекол дека Кваљарела е центарот на валканите игри.
Тогаш во Јуве дојде Антонио Конте кој е познат како бескомпромисен тренер кој сака борбени и снажни играчи па Кваљарела стана играч во ротацијата. Фабио наскоро дознал за криминалецот Пиколо - за тоа му помогнала случајна средба со со локален адвокат кој знаел дека полицијата го бара уценувачот. На крај го уапсиле и го затвориле на четири и пол години.
За волја на вистината, криминалецот не ја одлежал целата казна (особености на италијанското правосудство) и пак го вратиле во полиција. Но главно е признанието дека Кваљарела не е крив и кога Неапол дознал - му простил на Фабио.
Мафијата Камора била бесна кога дознала дека ја вмешале во целата сторија со Кваљарела. Мафиозите го нашле Џулио Де Ризо - бизнисмен од Кастеламаре и другар од детството на Фабио: „Кажи ни кој е тој идиот во полиција, како изгледа и каде да го најдеме? Тој заслужува смрт за тоа што му го направи на Кваљарела“, му рекле мафиозите.
Навивачите исто му простиле. Фабио станал првиот после Марадона на кој „Сан Паоло“ му пеел песна лично за него. Кога дознале дека предавство и парите не биле причина за бегството во омразениот Јуве, навивачите извадиле парола со извинување за омразата низ годините:
„Ти нанесовме многу болка, те напаѓавме, а сега знаеме зошто отиде во Јуветус. Драг Фабио, шампионе, прости ни“.
Песната за него ја пееле и кога доаѓал во противнички тим па дури и кога даде гол против Наполи.
А тоа е Неапол: или те мразат до смрт или те сакаат до смрт. Но изгубените години на Кваљарела никој веќе нема да му ги врати.
Можеше многу да му пружи и на Наполи, но на италијанската репрезентација. Тој имаше се освен среќа: налетуваше на неспособни тренери, на лажни обвиненија и нездрав полицаец. Затоа мирот го најде во Џенова каде игра неверојатна сезона и сака со Сампдорија да обезбеди еврокуп.