Кошмарот во Неапол низ кој поминал Фабио Кваљарела

Роден е во Неапол и животна желба на италијанскиот репрезентативец му била да игра за тимот од родниот град. Не само што заигра туку и даваше важни голови за пласман во Европа, но никој не знаел дека надвор од теренот поминува низ пекол со морбидни писма за педофилија и уцени.

Татко му на италијанскиот репрезентативец Фабио Кваљарела пребледел од шок и ужас. Целото семејство само што се вратило од прошетка и се спремале за вечера кога татко му го отворил ковертот од поштенското сандаче.

Внатре бил чуден и страшен фото-колаж: голем ковчег и на него фотографијата на Фабио Кваљарела. Немало никакво пропратно писмо, туку чиста закана. Тоа се случило во летото 2009-та и веќе имало три години како му се случувале страшни работи на фудбалерот кој во тимот од родниот град Наполи дојде на 1. јуни 2009-та од Удинезе.

Сè започнало со банален проблем: некој му го хакнал акаунтот на фудбалерот на стариот Месенџер и објавувал секакви работи во име на Фабио. Кваљарела тогаш се обратил кај еден стар познаник кој држел салон за телефони и имал познавања во сферата на киберопасностите. Тој го советувал да пријави во полиција.

Наскоро Кваљарела отишол кај полицаецот Рафаеле Пиколо кој му рекол дека лесно ќе му го вратат акаунтот а за услугата барал дрес со негов автограм. Пиколо активно одржувал контакт со Кваљарела и секогаш нешто му барал за возврат за услугата: фотографија, нов дрес, сувенир, опрема.

„Му дадов најмалку 20 дреса“, кажал на суд за време на сведочењето репрезентативецот на Италија кој за Наполи даде 11 гола и играше со Лавеци и Хамшик во нападот. 

Една година откако се запознал со полицискиот начелник Пиколо, на Кваљарела и неговото окружување им стигнувале анонимни писма со морибдна содржина. Такви писма добивале уште десетина горе-долу познати луѓе меѓу кои и пејачи.

Но во случајот на Кваљарела се било посебно чудно: Полицаецот му праќал писма него и на неговото блиско семејство па дури и во клубовите во кои играл од 2007 до 2010 година. „Писмата беа разни. Ме обвинуваа за рекет, за учество во грозни оргии, за педофилија“, се сеќава Кваљарела.

Ноќна мора во Неапол

Кога заканите и морбидните пораки достигнувале кулминација, во летото 2009 Фабио за 18 милиони евра премина од Удинезе во Наполи. Тоа не беше само обичен трансфер туку остварување на сонот затоа што Фабио е роден во Неапол, секогаш навивал за месниот клуб кој од него имал големи очекувања.

Во Наполи Кваљарела брзо стана една од главните ѕвезди со Езекјиел Лавеци и Марек Хамшик и постигна 11 голови во Серија А, а клубот обезбеди место кое води во Лига Европа. Речиси никој не знаел дека во исто време психички нестабилен полицаец го тероризирал Фабио и неговото семејство.

Во текот на сезоната 2009/10, претседателот на Наполи Аурелио Де Лаурентис добил неколку анонимни писма во кои се опишувал одвратниот живот на Кваљарела. На пример дека користел кокаин на забавите со луѓето од неаполската мафија Камора.

„Ме обвинуваа за педофилија со колаж од одвратни фотографии. Де Лаурентис ме тргна од родниот крај Кастелмаре ди Стабија (близу Неапол) и ме префрли во хотел барем малку да се опуштам. Сето ова ме натера да заминам од Наполи. Сонував да играм во овој тим, ова е мојот дом, но не можев нормално да излезам надвор и да прошетам со фамилијата затоа што стално ми се закануваа. Ми пишуваа дека во секој момент може да ми се случи нешто лошо. Животот ми стана кошмарен“, раскажува Фабио Кваљарела кој го носи дресот со број 27 во чест на неговиот другар од младинската репрезентација кој во 2001. загинал во сообраќајна несреќа.

Следуваше трансфер во Јувентус кој не му го олеснил животот, напротив постојано му стигнувале писма со закани за неговите родители затоа што го напуштил Наполи и отишол во Јуве. Ситуацијата се смирила за неколку месеци.

СУД

Полицаецот Пиколо го упасиле пред половина година. Тој не ја признал својата вина и плус за време на сослушувањето постојано викал дека ништо не знае и дека не се сеќава на ништо, иако деталните раскажувања на Кваљарела биле убедливи.

Одбраната на фудбалерот барала 5 години затвор и 500.000 евра оштета на име на псхичика тортура. За помалку од една недела, на 17. февруари Пиколо е осуден на 4 години и 8 месеци затвор а висината на паричната оштета не е објавена.

„Благодарен сум му на судот и правосудните органи кои направија голема работа. Ситуацијава го уништи мојот живот и им нанесе многу болка на моите најблиски. Неколку години се соочував со нечесност, злоба и неморал. По преминот во Јуве на моја адреса добив многу навреди, но тоа никогаш не влијаеше на мојот професионализам и секогаш работев максимално“, изјавил Кваљарела после пресудата.

Фабио сега има 34 години. Веднаш по веста за затворската казна на Пиколо Кваљарела ја спаси Сампдорија од пораз со Каљари (1:1) и признал дека сега му е многу полесно.

„Чуствувам неверојатно олеснување. Голем товар на мене и семејството ни падна од грбот. Сега ве уверувам дека сум апсолутно спокоен“, заклучува Кваљарела кој го напушти Наполи по Светското првенство во Јужна Африка 2010.

Во кариерата играше за Торино, Кјети, Удинезе, Асколи и Јувентус, а од 2016-та е во Сампдорија. За репрезентацијата на Италија одигра 25 средби и даде 7 гола.