Перфектната игра со која Шпанија ја суреди Италија

Шпанија не е мртва и нека не ве лаже елиминацијата на СП 2014 уште во групи дека се во криза. Ако Светскиот (2010) и Европски првак (2008 и 2012) тогаш личеше на Барселона, сега го споредуваат со Реал Мадрид. Еве зошто.

Шпанија и Италија се фудбалски велесили кои практикуваат сосема различен фудбал. Со првиве Македонија никогаш не успеала да излезе на крај, бидејќи во нивната филозофија е постојано да доминираат со посед на топка и тоа им успева.
 
Вториве ни лежат или поточно со нив можеме да правиме игра, како што беше лани во Скопје кога бевме рамноправни, на моменти подобри, а имавме и водство од 2:1 кое за жал го прокоцкавме на крај.
 
Дека овие две селекции ќе се борат за првата позиција во нашата група Г, тоа се знаеше. Во саботата го одиграа веројатно и клучниот дуел за врвот на табелата кој го добија Шпанците со 3:0 и со тоа сега имаат 19 бода, а Италија е втора со 16.
 
Пред неколку години играта на прекрасната Барселона се пресликуваше и во селекцијата на Шпанија. Таа сè уште го има оној футуристички бренд на фудбалот, овој пат налик европскиот првак, Реал Мадрид.
 
Најдобар приказ за тоа како тоа изгледа во пракса е видеото кое ја објаснува играта на селекторот Џулен Лопетеги. Играчите добиваат многу јасно дефинирани улоги и кога ги почитуваат една Италија не може да мрдне.

Во напад бековите се поставени широко, се практикува трпелива игра со многу допири на топката, се гради и се добива простор со привлекување на противниците, а оние во средина и напад се бара да бидат многу мобилни. Со оваа игра ги тераат противниците да се уморат од бркање на топката.

Ако ја загубат топката потребно е во најбрзо можно време да се позиционираат на своите зададени позиции во својата половина и да формираат две линии од по четворица. Тогаш прво се отвара работа за играчите од среден ред кои притискаат и ги оставаат во удобна позиција Рамос и Пике.

Espanha in ENG from Videos para "Lateral esquerdo" on Vimeo.