Меѓу 1996 и 1997 година, користејќи ја можноста на Босман правилото за слободни играчи, Милан се офајди од Ајакс: Од Амстердам на „Сан Сиро“ дојдоа дури четворица Холанѓани, во тоа време сите првотимци во неверојатниот состав на Ајакс, а меѓу нив еден кој ќе се испостави најлош бек што некогаш дошол во Италија.
Пакетче во пакетот - така може да се дефинира Микаел Рајзигер кој не беше многу познат како неговите сонародници. Милан тој период беше на „берба“ во Холандија и собра четири „лалиња“ кои играа и за репрезентацијата. Во 1995 година токму овие играчи му ја земаа на Милан титулата во Лига на шампиони.
Првично Галијани тргнал само по Патрик Клајверт, но на крајот пакетот се зголемил.
***
Правилото Босман тогаш само што направи револуција во фудбалскиот свет: ова правило им дозволуваше на играчите на кои скоро им истекува договорот, без никаков проблем да потпишат со друг клуб. Фактички новиот клуб ги добива гратис и смее да преговара со нив без да биде казнет.
Клајверт беше прва мета и поради победничкиот гол токму против милан во финалето на ЛШ, но Патрик можеше слободно да дојде без обештетување дури следното лето па Галијани решил во два преодни рока да ги донесе Едгар Давидс и Рајзигер а дури потоа Клајверт и Винстон Богард на лето.
ТЕШКИ РАЗОЧАРУВАЊА
Иако навивачите на Милан очекуваа страшни засилувања, се испостави дека сите биле промашувања. Клајверт беше планиран како одговор на Роналдо во Интер, но постигна само 6 гола и го сметаа за промашен трансфер.
Гигантот Богард кој беше снажен како карпа траеше дури помалку од 6 месеци во кои одигра сиромашни 4 натпревари за Милан.
Едгар Давидс, можеби најдобар од сите четворица, не бил прифатен добро во соблекувалната и неколку „кланови“ во составот барале тој итно да биде продаден. Давидс знаеме, заврши во Јувентус и таму стана еден од најдобрите фудбалери во среден ред кој некогаш играл во Италија.
Рајзигер, кој ден-денес е синоним за смешен десен бек собра 10 настапи за Милан и во меѓувреме неговиот ментор Ван Гал го одведе во Барселона.
****
За разлика од Милан, во оној чудесен Ајакс на времето, Рајзигер играше стандарден десен бек во формацијата 4-3-3 со која Луј Ван Гал доминираше и во Холандија и во Европа (Лига шампиони титула во ’95, вицешампион во ЛШ 96’ на пенали пораз од Јуве, Интерконтинентален Куп ’95).
Во Милан Холанѓаните од Ајакс ги водеше тренерот Табарез, кој го замени трофејниот Фабио Капело.
Рајзигер првпат заигра за Милан на средина од ноември и тоа против Јувентус предводен од Липи. Рајзигер го заменуваше Кристијан Панучи а крај него во одбраната беа Костакурта, Барези и Малдини (колку не одговара покрај вакви легенди).
Две недели подоцна, во Пјаченца (Рајзигер одново беше стартер), заврши ерата на Табарез и дојде Ариго Саки. Во тоа време стариот лисец Саки не го поднесувал Панучи па се отвори многу простор за холандскиот бек.
Но Рајзигер заигра на уште пар средби од почеток (нерешени со Каљари и пораз од Верона) па Саки му најде алтернатива во Франческо Коко па и Костакурта на десната страна.
На 6 април 1997 на денот на големото дерби со Јувентус, Рајзигер пак започна од почеток во тимот кој го сочинуваа Барези и Вјерховод (двајцата имаа вкупно 74 години), Бломквист играше лево а во нападот ветераните Марко Симоне и Дугари. Роби Баџо остана на клупата.
Резултатот - дебакл: Милан изгуби 1-6 и го претрпе најтешкиот пораз од Јувентус. Премногу и за тимот кој заврши 11-ти на табелата со дури 22 бода зад Јуве.
Нешто мораше да се менува па следуваше револуција. Први на удар беа Холанѓаните. Клајверт го продадоа, Рајзигер замина во Барселона каде ја освои титулата во Ла Лига, Купот на Шпанија и Суперкупот уште во првата сезона.
На мечот против Борусија Дортмунд во Суперкупот на Европа, Ван Гал го стави Рајзигер како стопер заедно со неговиот другар Винстон Богард кој во Милан не беше ниту на трибините.
20 години подоцна, овие двајца се вратија дома во Ајакс, овојпат како тренери на младинците. Едно време дури и го водеа првиот тим на Ајакс кога беше отпуштен тренерот Марсел Кајзер.
Рајзигер и Богард, тренерски тандем. Кој би рекол?