Војска и менза
Инструкцијата е проста. А слушнеш чекори викни: „Стој или ќе пукам!“. Ако не почитува: прво во воздух па во нога. Но тој еднаш заборавил на упатствата и два пати распукал во воздух: „Јас сум! Престани!“- слушнал глас од мајорот. Во војската, ’единицата’ на клубот Дукла Прага, Павел Срничек бил уште еден број на кој му се намалувале деновите - од 730 до нула. Тоа било особено важно за во мензата: што поголем број толку помалку порции.
За разлика од другите, тој не морал да бега од армијата за да оди на тренинзи. Него го пуштале затоа што бил одличен голман.
Патот за Островот
Една година по служењето војска, Павел летнал за Англија. Прво во Лестер. Таму на проба го однел југословенскиот менаџер Лудвиг Колин кој живеел во Острава. Тој ѝ кажал на управата на Баник дека за Срничек даваат 350.000 фунти а тоа за Чехославачка на почетокот на ’90-те било чудо од сума.
Павел тренирал една недела со Лестер па го викнале во кабинетот кај главниот тренер Дејвид Плит. Тој почнал туц-муц, да видиме со управата, да видиме со парите, па да останеш уште еден месец ќе стигнат пари.
Павел останал уште еден месец, но пари не стигнале и Колин го пратил во Њукасл. После една недела тренинзи потпишал договор на 700 фунти неделно. Мајка му била Французинка, Бернадет Срничкова (Ламбер), па така Павел поседувал и француски пасош и лесно добил работна виза во Англија.
Срничек на почеток живеел во хотелот „Њу-Кент“ и таму престојувал се додека Њукасл не се преселил во новата база во Мејден-Касл која за разлика од претходната имала тушеви за сите играчи. После неколку месеци му дошле жена му со ќерката и Павел изнајмил стан на улицата Мидл Драјв.
Анегдоти со англискиот
Павел бил премногу мрзелив да оди кај професор по англиски јазик после тренинг (освен Чешки знаел само руски: ’Во Чешка учевме руски во школо’, пишува во биографијата), па така кога дома ѕвонел телефонот или некој на врата настанувала караница кој да крене или да отвори.
Во други ситуации Павел го вадел преведувач кој живеел во близина и како навивач на Њукасл доброволно се јавувал да му помогне. Еднаш во ресторан сакал да нарача ориз со рак (на чешки рак е краб), а на англиски crap значи срање, па келнерот се навредил.
Бурните денови на „Сент Џејмс Парк“
Срничек најдобро научил англиски низ муабет со навивачите кои преку 3-4.000 доаѓале на тренинг и го прашувале за неговиот голмански стил и тајната на подготовките. Но во 1997 година таа традиција на отворени тренинзи ја забранил четвриот тренер на Срничек во Њукасл, Кени Даглиш кои ги затворил тренинзите за јавност.
Следната година Кевин Киген ја спасил екипата од испаѓање од втора лига а следната сезона влегле во Премиер лига и таму завршиле дури на трето место (благодарение на супер-тндемот Брдсли - Кол) а Срничек изгубил место од конкурентот Мајк Хупер кој дошол од Ливерпул. Хупер бил познат како чудак кој дома чувал змии, тарантули и други егзотични пајаци.
Во 1996. до почетокот на април Њукасл бил лидер во Премиер лига, но изгубил од Манчестер Јунајтед и Арсенал, а потоа ги чекал Ливерпул.
Пред да влезе на терен, Срничек слушнал од Киган: „Ти можеш како Шмајхел да излегуваш од голот?“. Павел и така чувствувал недоверба од тренерот кој истото лето го купил Шаха Хислоп кој добивал милион фунти годишно а Срничек само сто педесет илјади, па прашал: „Овде сум петта година а вие уште не верувате во мене“.
После тоа примил по два гола од Роби Фаулер и Стен Колимор во една од најлудите средби во историјата на Премиер лигата (Њукасл прв прими гол, па на пола час до крајот водеше 3:2 и на крајот изгуби).
После поразот од Евертон во првото коло од новата сезона, Срничек се вратил во првиот состав и останал прв голман до крајот на декември, но по загубениот меч од Блекбурн, Киган го обвинил Лес Фердинанд дека два месеци не дал гол и дека не заслужува да земе плата. Лес одговорил дека има договор со клубот а не со него, после што Киген гневот го искалил на Роб Ли.
Срничек немал ништо со тој конфликт но после два дена на мечот со Тотенхем го оставиле на клубата. Павел го прашал Киген: „Што се случи? Лошо ли бранам?“, а овој му одговорил: „Не, само Шака Хислоп ја дегажира топката подалеку од тебе“.
Следеле убедливи порази од Тотенхе и Лидс со гол разлика 10:1 па Киген дал оставка. „После пет години заедно, заслуживме да дојде и да се прости со нас. Цела недела чекавме да дојде и да ни објасни зошто дал оставка но не го стори тоа“, напишал Срничек во автобиографијата.
Циркусот со Хислоп и Кени Даглиш
Кога наместо Киган во Њукасл дошол Кени Даглиш, напаѓачот Питер Брдсли му прогнозирал на Срничек: „Толку е од нас, готови сме.“ После пола година Брдсли го продале во Болтон а Срничек се вратил во првиот тим на последните четири кола, не примил ниеден гол и Њукасл го освоил четврото место кое води во Лигата на шампионите. Но таму Павел не бранел.
Конфликтот меѓу него и Даглиш настанал во летото 1997 кога Кени им предложил на Срничек и на Хислоп да ја поделат премијата за влез во Лига на шампиони (20.000 евра) со новиот голман на тимот Ирецот Шеј Гивен.
Срничек одговорил дека тоа не е фер и тогаш Кени му кажал дека останува трет голман и ќе тренира одвоено.
Во есента Павел се појавил неколку пати на клупата, дури и бранел со Блекбурн, но на денот на полуфиналето на Купот 97/98 против Шефилд Јунајтед, тренерот на голманите Тери Џено му кажал: „Пав, Кени реши да не бидеш ни на клупа. Резервен голман ќе биде Шака“. Срничек удрил со рака во ѕид и истрчал на првиот спрат од хотелот кај што бил тренерот Даглиш: „Ќе те убијам!“, урлал Срничек, на келнерот му паднал послужавникот, а тренерот на голманите во последен момент го скротил Павел додека Даглиш скокнал од прозор на улицата.
Враќање во татковината
Со завршување на слабата сезона во која сопствениците Фреди Шеперд и Даглас Хол биле во судир со навивачите, Алан Ширер се повреди, а Лес Фердинанд замина во Тотенхем, директорот на клубот Фреди Флечер му понудил нов 4-годишен договор на Срничек.
Но Павел го интересирало друго: „А Даглиш останува ли во клубот?“, ’Не знам јас тоа’, „Тогаш одбивам, си одам“. Срничек го напушти Њукасл а после второто коло од новиот шампионат Даглиш доби отказ.
Чешкиот голман се вратил во Баник Острава но таму не земал плата („И така во Англија намлати пари“, рекол претседателот на клубот) па Павел после три месеци потпишал со Шефилд Венздеј против кој првпат играл со Њукасл во 1991-ва година.
Прво коло против кого? Баш против Њукасл и тоа на стадионот „Сент Џејмс Парк“ каде Срничек го обожаваат. Мечот завршил нерешено, Павел примил гол во 4’ минута а кој му дал гол? Се разбира, синот на Кени Даглиш, Пол на кого тоа му бил единствен гол во Премиер лигата во целата кариера.
Авантурите во Италија со Баџо и Земан
По Европското 2000, Срничек се преселил во Италија. На почеток бил на преговори во Наполи. Кога Павел и жена му се сместиле во хотел, собарката ги посоветувала да ги остават во соба часовниците и драгоцените предмети. Павел имал средба со тренерот на Наполи Зденек Земан кој му рекол: „Видов фотографија со твојата кола и домот. Од кај ти се толку пари“?
Наместо во Наполи, чешкиот голман потпишал со Бреша каде играл со Роберто Баџо, Лука Тони, Андреа Пирло и Пеп Гвардиола а живеел на брегот на езерото Дезенцано дел Гардара. Срничек се сеќава дека во клубот не владеела сјајна атмосфера и дека навивачите биле против претседателот Луиџи Кориони.
„Еден од моите соиграчи беше врзан со мафијата и носеше пиштол. Подоцна го суспендираа поради употреба на кокаин“, се сеќава Срничек во автобиографијата. (Срничек очигледно зборел за Џонатан Бакини кој забележа 2 настапи за Италија и 13 за Јувентус).
Трагедијата на најдобриот ортак во Италија
Во јануари 2002 година еден од најдобрите италијански другари на Срничек, 27-годишниот бек Виторио Меро имал парни жолти картони и наместо да оди на меч од Купот со Парма, тренирал со другите играчи кои не биле викнати.
После тренингот се собрале да ручаат, но Меро откажал и тргнал накај дома да гледа на телевизија. После пола час загинал во сообраќајна несреќа. Човекот кој возел од спротива и бил виновен за несреќата побегнал од местото на настанот но полицијата го нашла.
Играчите и управата на Бреша собрала милион евра за неговиот 2-годишен син Виторио. „Цел град беше во траума. На гробишта бевме со Роберто Баџо кој плачеше како дете“, пишува Срничек во својата книга.
Врти сучи пак во Англија
Откако газдата на Бреша му кажал дека ќе се раздолжат само ако оди на позајмица во Козенца, Павел прифатил и долгот му бил вратен. Но во Козенца не земал ни една марка за пола година, екипата испаднала во трета лига а сопственикот Паоло Паљозо го уапсиле за поврзаност со мафијата.
Во следната сезона Срничек одново конкурираше со Шака Хислоп за голот, но овојпат во Портсмут. Потоа му помогна на Вест Хем да влезе во Премиер лига а следние две години ги мина во португалската Беира Мар каде седум бразилски играчи после секој тренинг го носеле на кафе во трговски центар - пиеле кафе, потанцувале самба и пијачката била платена.
Во летото 2006 година го барала Црвена Звезда, но сфатиле дека има 38 години и се откажале. Тогаш Павел се вратил во Италија кај добриот пријател, претседателот на Карпендоло во четврта лига и станал голман-тренер.
На крајот од септември му се јавил резервниот голман на Њукасл Стив Харпер и му кажал дека Шеј Гивен е повреден и на клубот му треба уште еден искусен голман. Срничек се вратил во својот втор дом, каде тренерот Глен Редер му предложил пробен тренинг и по 10 минути му рекол: „Се е во ред. Оди после тренинг да потпишеш договор“.
Преговорите со финансовиот директор на Њукасл Расел Кашинг Срничек ги почнал со зборовите: „Предложите колку мислите, а јас ќе потпишам“. На првиот тренинг им преведувал англиски на Луке, Емре и Мартинс кои збореле шпански и италијански. Екипата наскоро се поделила на „кланови“, домашни и странци.
Легендарниот момент
А потоа дошол 23. декември. Пред крајот од мечот со Тотенхем, Шеј Гивен покажал дека е повреден и Глен Редер му викнал на Срничек: „Влегуваш“!. Павел набрзина се пресоблекол и истрчал на теренот а 50.000 луѓе бучно го скандирале неговото име, со секоја секунда се погласно. „Таа атмосфера ќе ја паметам целиот живот“.
По извесно време новиот тренер на Њукасл, Сем Алардајс му рекол на Срничек: „Нема да ти дадам нов договор, веќе си ветеран“.
Павел се вратил со семејството во Чешка каде дознал дека жена му имала блискости со инструкторот по скијање. „Таа не ме измами само мене туку и ќерка ни која што најмногу и веруваше“, признава Срничек во својата книга.
Крајот на кариерата го потсетил на детството во чехословачкиот крај Богумин, градче на границата со Полска каде Павел станувал во три на полноќ да и помага на мајка му да ги пои шеестината крави. Градче каде Срничек на 15 години работел во крематориум за да си купи фармерки. Работел и во метарлушки завод од шест до девет сабајлечки пред да тренира со второлигашката екипа.
Во својата автобиографија, Павел се сеќава и дека во 1978 година татко му Павол видел како 10-годишниот син му го удриле со нога во глава за време на меч и заминал дома. „Не сакам да гледам како те убиваат“. Од тој момент татко му не го гледал ниту во репрезентацијата, ниту во Премиер лига ниту во Серија А. „Дознаваше на телевизија за резултатот“.
На крајот Срничек основал школа за голмани во Острава а потоа влегол во стручниот штаб на младинската репрезентација на Чешка која влезе во финалето на ЕП 2011.
Тажен крај
На 29 декември 2015 година срцето на Павел престанало да чука. Во остравската болница го донеле во коматозна состојба после трчање каде паднал, но не можеле да го спасат.
„Тој живееше во срцето на Њукасл, играше во парк со ќерките, одеше на фудбалски натпревари на младинските екипи. После секој тренинг им даваше автограм на децата и се дружеше со вработените на ’Сент Џејмс Парк’ - затоа навивачите на Њукасл го сакаат како еден од нив“, пиша Крејг Хоуп за Daily Mail.