Од хотел за бегалци до Реал Мадрид

Конечно заврши и најдосадната трансфер сапуница во историјата на фудбалот. По две години селење во сите можни големи клубови во Европа, детето кое заради војната во Хрватска неколку години живеело во хотел за бегалци и тренирало со дрвени костобрани, потпиша за Реал Мадрид и стана најплатен хрватски фудбалер во историјата.

Гласините за трансферот на Лука Модриќ започнаа уште минатата година кога најпрвин тој беше поврзуван со Манчестер Јунајтед, а од тогаш медиумите го преселија и во Челси, Барселона, Манчестер Сити, ПСЖ... но конечно оваа приказна доби крај откако беше соопштено дека Лука Модриќ е нов фудбалер на Реал Мадрид.

Лука Модриќ е роден на 9 септември 1985-та година, а откако започна војната во Хрватска и неговиот дедо бил убиен од српските војници, тој и мајка му морале да се преселат во еден од хотелите за бегалци во Задар, а неговиот татко останал на фронтот.

Малиот Лука со себе ја имал само фудбалската топка, а според зборовите на вработените од центарот за бегалци, тој со топката искршил повеќе прозори и направил поголема штета отколку бомбите и куршумите.

Тој започнал да тренира во академијата на Задар, но немал пари, па неговиот тренер рачно му изработил дрвени костобрани.

На 15 години бил одбиен од Хајдук, но неговиот талент го откриле во Загреб и Лука потпишал за Динамо.

По една година помината на позајмица во Зрињски тој е прогласен за надобар фудбалер во БиХ, а по враќањето во Динамо тој го достигнува врвот во Хрватска и освојува три шампионски титули и два трофеја од купот, како и награда за најдобар фудбалер.

Со добрите игри за Динамо и репрезентацијата на Хрватска, Лука Модриќ го привлече вниманието на неколку поголеми клубови од Европа и во 2008-та година тој за сума од 21 милиони евра премина во Тотенхем.

По четири години во Тотенхем, Лука Модриќ премина во Реал Мадрид за 35 милиони.

27 август 2012 - 22:11