Џанлука Виали го живее својот втор живот и потенцира една фраза која смета дека треба да стане централна и најважна за секого.
„Здравјето е на прво место“.
Зборуваме за еден од симболите на италијанскиот фудбал од 80-те и 90-те кој настапуваше на Мундијалите 1986 и 1990 и ЕП 1988, а освојуваше трофеи со Сампдорија, Јувентус и Челси, вкупно 14 во кариерата.
Можеби сте се прашувале, каде е и што прави легендарниот напаѓач кој веројатно и нема да го препознаете ако видите слика од скоро. 17 месеци се бореше со рак на панкреас. И го победи.
Пред една година беше назначен за шеф на делегација во фудбалската репрезентација на Италија, но сè уште не беше излечен од најтешката болест, а во април годинава беше соопштено дека успеал да ја совлада.
Но коронавирусот го спречи да направи кам бек на пролет и мораше да чека дури до новото издание на Лига на нации кое стартуваше пред една недела. Костумосан и освежен, се исправи и ја отпеа химната во Амстердам, каде Италија прослави голема победа на гостувањето против Холандија.
До него селекторот Роберто Манчини кој му е пријател и со кого заедно ги кинеа мрежите во Сампдорија и го освоија Скудетото во сезоната 1990/1991.
„Среќен сум, повторно се чувствувам нормално. За мене нормално значи да се видам на огледало, да гледам како косата ми расте и да не мора наутро да ги цртам веѓите. Можеби звучи чудно, но во моментов се чувствувам многу среќен во споредба со другите. Сега со гордост ги покажувам своите стравови, тие се симбол на она што го поминав. Разбирам дека кога сакам да плачам, сега тоа можам да го направам без срам. Немам ни потреба да носам поголеми кошули за да го сокријам слабиот физикус.
17 месечниот период на хемотерапија не ми беше воопшто лесен, ни физички, ни психички. Многу ми помогнаа и моите ќерки, а на сопругата и барав мислење која перика ми стои најдобро. Се смеевме, затоа што мора да се смеете и да ја пронајдете забавната страна на работите, ако можете. Тоа ме спаси од лудилото“.