Новиот светски фудбалски поредок

Светското фудбалско првенство за играчи до 20 години кое оваа година ќе се одржи во Турција, ќе биде првото глобално натпреварување на ФИФА на кое нема да настапат репрезентациите на Бразил и Аргентина.

Од 21 јуни до 13 јули, 7 градови во Турција ќе бидат домаќини на 24 фудбалски репрезентации составени од играчи до 20 години, а помеѓу нив нема да ги има репрезентациите на Бразил и Аргентина. Ова е прво светско фудбалско натпреварување во историјата на ФИФА на кое нема да настапат овие две репрезентации кои важат за велесили во фудбалот.

Репрезентацијата на Бразил е актуелен светски шампион во оваа конкуренција до 20 години и има освоено 5 титули, а Аргентина има 6 титули од ова натпреварување кое последен пат го освои во 2007-та година. Сепак тие оваа година не изборија пласман преку континенталните квалификации.

Во моментов во Аргентина се одржува првенството на Јужна Америка за играчи до 20 години каде домаќините и репрезентацијата на Бразил беа елиминирани уште по групната фаза со по 1 победа и 1 нерешена по 4 натпревари.

И на сениорите не им оди баш најдобро. Бразил во моментов се наоѓа на 18-та позиција на ФИФА ранг листата што е најнизок пласман во историјата, а Аргентина последен пат се има израдувано на трофеј пред 20 години кога триумфираа на Копа Америка.

6 февруари 2013 - 09:24