Гостинскиот меч на Манчестер Јунајтед против Вест Хем во Лондон излезе најтежок дуел за тимот на Солскјер од почетокот на сезоната. „Чеканите“ беа тврди до самиот финиш ама на крај „црвените ѓаволи“ ги однесоа сите три бода.
Стартот на сезоната беше одличен за Вест Хем кој со 2 победи и 2 нерешени во првите четири кола освои солидни осум бода, а притоа сјајно тргна и во Лига Европа каде го совлада Динамо во Загреб 0-2.
Затоа дуелот во саботата со Јунајтед кој исто е во форма донесе еден куп јаки моменти.
Вест Хем прв поведе пред околу 59.000 гледачи на „Лондон Стадион“ откако топката по шутот на Бенрахма како рикошет се одби од Варан и го измами Де Хеа.
Ама само пет минути подоцна Кристијано Роналдо израмни на 1:1. Ова беше веќе негов четврти гол на три меча по враќањето во Јунајтед:
Во вториот дел судијата Мартин Аткинсон никако не се дрзна да досуди пенал, ни за едните ни за другите. Прво лидерот на Вест Хем, Чехот Томас Соучек падна во шеснаесетникот на Јунајтед по дуел со Ван Бисака ама се испостави после дека Чехот бил во офсајд, а во 77-ма минута Кристијано влезе во казнениот простор на Вест Хем и падна по дуел со Цоуфал ама Аткинсон одмавна со рака
Ама затоа финишот беше како огномет. Во 89’ минута резервистот Џеси Лингард кој влезе од клупата, а кој лани блескаше на позајмица токму во Вест Хем па Дејвид Мојес сакаше да го откупи ама Јунајтед не го пушти, даде гол и ги постави конечните 1:2 за Манчестер Јунајтед.
Лингард очекувано не го прослави голот од респект кон „чеканите“ од Лондон:
Интересно, Лингард со овој гол се извади за катастрофалната грешка во Лига на шампиони каде поради негово очајно додавање Јанг Бојс го победи Јунајтед 2:1 и направи голема сензација. После овој гол на англискиот репрезентативец, Кристијано Роналдо пак имаше епизода во противничкиот шеснаесетник. Францускиот стопер Зума му стартуваше од зад грб, Португалецот падна ама не доби пенал откако Аткинсон се консултираше со ВАР.
Во 91’ минута уште една многу сомнителна ситуаицја. Лук Шо играше со рака во својот казнен простор во 91’ минута, овојпат Аткинсон реши да се охрабри да свирне пенал и Вест Хем доби шанса да израмни и да освои голем бод.
Дејвид Мојес одлучи пеналот да го изведе легендарниот капитен Марк Нобл кој обично сигурно ги шутира ударите од бела точка. Но овојпат Давид Де Хеа излезе поуспешен и му го одбрани пеналот
Интересно, Марк Нобл во својата кариерата извел дури 42 пенали (не сметајќи ги тука сериите пенали), има само 4 промашени и реализирани дури 10 по ред. Последен пат утнал во декември 2016-та. Од друга страна да се пушти играч специјално за пенал во судиско продолжение не е баш најпаметно. Најдобро тоа го знае англискиот селектор Гарет Саутгејт.
Од друга страна блескаше Давид Де Хеа. Шпанецот сезонава си го врати стандардното место во првите 11 и го спаси Јунајтед во решавачки момент.
Занимливо шпанскиот голман примил дури 40 гола од пенал во кариерата и тоа по ред (вклучувајќи ги тука и пеналите во сериите).
Последен пат Де Хеа одбранил пенал во 2016-та во ФА Купот кога го проценил шутот на Ромелу Лукаку кој тогаш играше во Еверотон. Во Премиер лига Де Хеа немаше фатен пенал уште од 2014-та кога му го одбранил шутот на Лејтон Бејнс.
„Многу важни три бода за нашиот тим. Последната минута од мечот размислував само едно нешто: „Да го одбранам ударот“. И ми успеа“, изјавил Де Хеа после мечот.
Манчестер Јунајтед ја продолжи неверојатната серија од 29 меча на гости без пораз во Премиер лига! На табелата сега го делат првото место со Ливерпул и Челси. Сите три екипи имаат по 13 бода.